Пицула: Студентските протести во Србија мора да се артикулираат политички
- Според него, протестните маршеви и блокадите ја ставиле земјата во „нешто како вонредна состојба“.

Белград, 7 февруари 2025 (МИА) - Студентите и граѓаните кои протестираат мора да одлучат како ќе продолжат со нивните протести и секако мора да ги артикулираат политички, изјави известувачот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула, во интервју за Радио Слободна Европа. Според него, протестните маршеви и блокадите ја ставиле земјата во „нешто како вонредна состојба“.
-Ми се чини дека студентското и граѓанското движење во Србија бара некаква социјална еманципација, поточно, еманципација на општеството од државата, што покажува многу карактеристики на заробена држава и хибриден режим. Потребна е политичка артикулација, која сè уште не доаѓа, објасни тој, истакнувајќи дека на протестите недостигаат знамиња на Европската унија, припишувајќи го ова на широко распространетата анти-ЕУ пропаганда што се ширеше со децении во медиумите кои ѝ служат на владата.
Според Пицула, ситуацијата во Србија е „прилично уникатна“.
-Вучиќ засега не се осмелува отворено да употреби сила против студентите. Затоа што, ми се чини, тој мисли дека можеби со текот на времето некако ќе се смират протестите, но тоа не функционира бидејќи студентите очигледно не можат да се поткупат. Не најде начин да го компензира нивното незадоволство со нешто што ќе ги смири. Србија е всушност во непрогласена вонредна состојба, во каква што можеби никогаш не била, или барем не во последните 25-30 години, рече Пицула.
Според неговите зборови, претседателот на државата покажал дека во никој случај не е подготвен да ја отстапи власта на експертска група или преодна влада, туку или ќе формира нова влада врз основа на постојното мнозинство што го контролира во парламентот, или ќе го распушти парламентот и ќе распише нови избори.
-И сега доаѓаме до еден од можеби новите критични моменти, а тоа е, пред сè, дека по последните избори на крајот на 2023 година, меѓународната заедница, многу набљудувачи, па дури и ние во Европскиот парламент укажавме дека овие избори претрпеа сериозни недостатоци. Оттука, прашање е дали новите избори би можеле да се оценат како слободни и фер и речиси е извесно дека во непроменети околности опозицијата нема да учествува на нив. Така што, изборите сами по себе не се решение доколку не се најде некаков јавен консензус, вели тој.
На прашањето што може да направи Европскиот парламент во обидите да помогне да се надмине кризата во Србија, Пицула одговори дека Европскиот парламент постојано се докажал со своите интервенции во ситуации кога внатрешно-политичките односи во земјата кандидат се блокирани до степен да го попречат нејзиниот европски пат. Како највпечатлив пример за тоа, тој го посочи посредништвото на Европскиот парламент за склучување на Пржинскиот договор во Северна Македонија во 2015 година, кога избија масовни протести против тогашниот премиер Никола Груевски.
-Но, вакво нешто бара фундаментален консензус меѓу најрелевантните групи во дадена земја. Во овој момент навистина не знаете какво е вистинското расположение на опозицијата, зборувам за институционалната опозиција, кон таквиот напор на Европскиот парламент, објасни Пицула. мс/
фото: МИА архива