• петок, 21 февруари 2025

Перински на средба со граѓани во Аеродром за безбедноста во сообраќајот, загадениот воздух, законски измени

Перински на средба со граѓани во Аеродром за безбедноста во сообраќајот, загадениот воздух, законски измени

Скопје, 8 февруари 2025 (МИА) - Во рамки на теренските посети по општините - „Каде што срцето е дома“, во текот на денешниот ден, граѓани, претставници на бизнис - секторот, невладини организации и просветни работници од општина Аеродром оствариле средба со министерот за локална самоуправа Златко Перински и неговиот заменик, Ерџан Селими.

Како што информираат попладнево од Министерството за локална самоуправа, на средбата, тие дале мислења, предлози и идеи за подобрување на квалитетот на секојдневието.

- Зборуваа за актуелните измени на Законот за локална самоуправа, за што присутните граѓани изразија голема поддршка, а дадоа и конструктивни предлози за зголемување на безбедноста во сообраќајот на подрачје на Аеродром, за стимулирање на младите спортски надежи и зачувување на зелените парковски површини. Беа разменети и конкретни предлози за надминување на проблемот со автошколите, што делови од населбите неосновано ги користат како полигони, како и за преземање долгорочни решенија со што ќе се надмине проблемот со загадувањето на воздухот и бездомните кучиња, појаснуваат од Министерството за локална самоуправа.

Во писмената изјава на министерот се наведува дека го радува интересот кај граѓаните за соработка.

- Верувам, но и убеден сум дека заедно со нив, Општината, Владата и нас како Министерство, секој во рамки на своите ингеренции, ќе продолжиме да преземаме мерки и чекори за поголем напредок на општината од секој аспект, од што најголема корист ќе имаат токму граѓаните, смета Перински.

Од Министерството истакнуваат дека денешната средба била на вториот ден на посетата на општина Аеродром во рамки на „Каде што срцето е дома“.

- Утре во 12 часот, како дел од теренските посети, министерот Перински, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николоски и в.д. градоначалникот Дејан Митески, ќе го најават почетокот на градежните работи за санација и реконструкција на скверот позади ТЦ „Капитол“. Овој проект е еден од осумте што ќе се реализираат со средства од државниот буџет, одобрени на првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините, најавуваат од Министерството за локална самоуправа. бд/ев/

Фото: Министерство за локална самоуправа

Остани поврзан