• сабота, 22 февруари 2025

Пезешкијан: Америка не покажува искреност во преговорите со Иран

Пезешкијан: Америка не покажува искреност во преговорите со Иран

Техеран, 10 февруари 2025 (МИА) - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска изјави дека Америка не покажува искреност кога станува збор за потенцијалните преговори со Техеран.

„Ако Америка е искрена во врска со преговорите, зошто ни воведоа санкции“, рече Пезешкијан во обраќањето на Плоштадот на слободата во Техеран по повод годишнината од Иранската револуција во 1979 година.

Тој додаде дека Иран „не сака војна“, но дека и покрај тоа нема „да се свитка под странскиот притисок“. Стотици илјади луѓе присуствуваа на церемонијата на прославување на револуцијата во Иран, а ширум Иран се организирани демонстрации против САД и Израел, при што многу демонстранти извикуваа „смрт за Америка“ и „смрт за Израел“.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела повторно воведе мерки за „максимален притисок“ врз Иран, со цел да го спречи Техеран да произведува нуклеарно оружје. Покрај тоа, Трамп рече дека сака да склучи договор со Иран за неговата нуклеарна програма, бидејќи, како што наведе, во тој случај Израел нема да ја бомбардира земјата.

Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Грос во декември изјави дека Иран „драматично“ го забрзува збогатувањето ураниум до 60 проценти чистота, што е блиску до нивото од околу 90 проценти потребни за производство на нуклеарно оружје. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан