• сабота, 21 февруари 2026

„Патека до самостојност“ - нов концепт што им отвора иднина на младите без родителска грижа

„Патека до самостојност“ - нов концепт што им отвора иднина на младите без родителска грижа

Скопје, 21 јануари 2026 (МИА) - Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“ го промовира новиот концепт „Патека до самостојност“, наменет за стратешка едукација и подготовка за самостоен живот на деца без родителска грижа. Концептот беше официјално прифатен од Јавната установа Детски дом „11 Октомври“ - Скопје означувајќи почеток на нова фаза во поддршката на овие млади луѓе.

За разлика од досегашниот пристап заснован на донации, новиот модел воведува одговорно сопствеништво, каде што децата на возраст од 10 до 17 години преку труд и стекнување знаења го заработуваат правото на сопственост на својата компјутерска опрема. Компјутерите не се подарок, туку прва „професионална плата“ за успешно завршена обука.

Клучен елемент во програмата е „Пасошот на вештини Марјановиќ“ - документ што го следи напредокот на секое дете. Секој завршен модул носи виза во пасошот, а целосно пополнетиот пасош значи дека детето ги стекнало трајната сопственост на компјутерот и конкретните применливи вештини.

- Сакаме децата да знаат дека се способни, вредни и дека со сопствен труд може да постигнат сè. Нашата цел е тие да излезат од институционалната грижа со знаење, самодоверба и пасош на вештини што ќе им помогне при вработување - изјави Александар Марјановиќ, основач и извршен директор на Фондацијата.

Директорката на Детскиот дом „11 Октомври“, Павлина Трајановска, истакна дека програмата има значајно влијание врз емоционалната стабилност и мотивацијата на децата нагласувајќи дека чувството оти нешто им припаѓа затоа што го заслужиле е од непроценливо значење за нивната иднина.

Едукацијата ќе ја спроведува академијата „Еверест“ преку пет образовни столба: основи на „Виндоус“ и безбедно користење интернет, „Мајкрософт офис“, англиски јазик, креативни дигитални вештини и кариерна обука. Наставата ќе се реализира хибридно преку менторски средби, онлајн-часови и дигитална библиотека со материјали.

Проектот се реализира со поддршка на многубројни партнери, меѓу кои „Даталаб“, „Сетек“, „Кабтел“, ФИНКИ, МАСИТ и МАЧР, како и неколку домашни и странски донатори. Идејата произлегува од личната животна приказна на професорот Ѓорѓи Марјановиќ, со цел децата без родители да добијат вистинска шанса за квалитетно образование и достоинствен живот во Македонија. дма/вј/

Фото: Фондација „Ѓорѓи Марјановиќ“

Остани поврзан