ПАСОК достави предлог за прелиминарна истрага во Парламентот за поранешен министер поради железничката несреќа
- Предлог за формирање специјална парламентарна комисија за спроведување на прелиминарна истрага за да се истражат какви било кривични одговорности на поранешниот министер без ресор Христос Триандопулос за железничката несреќа кај Темпи, достави грчката опозициска партија ПАСОК, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 4 февруари 2025 (МИА) – Предлог за формирање специјална парламентарна комисија за спроведување на прелиминарна истрага за да се истражат какви било кривични одговорности на поранешниот министер без ресор Христос Триандопулос за железничката несреќа кај Темпи, достави грчката опозициска партија ПАСОК, јави дописничката на МИА од Атина.
Од ПАСОК соопштија дека нивното барање е по извештајот и заклучоците на обвинителот во Лариса од 15 јули 2024 година и се однесува на интервенциите направени по 3 март 2023 година на местото каде што се случи трагедијата, односно четири дена по несреќата.
- Поранешниот претседател на Парламентот и кандидат за претседател на државата предложен од Нова демократија Константинос Тасулас, сноси голема одговорност за прикривање на конкретните докази од Парламентот. Незамисливо е извештајот на врховен судија да се смета како наводен дополнителен доказ. Тасулас е изложен, исто како што е и премиерот, бидејќи не го повлече од изборните процедури за претседател по ваквите демонстративно антиинституционални тактики, соопштија од ПАСОК.
За Триандопулос, кој сега е заменик-министер за цивилна заштита и климатски кризи, од опозициската партија велат дека е близок соработник на премиерот и „не е случајно што владиното мнозинство ги одби упорните барања на опозицијата да биде повикан да сведочи пред истражната комисија“.
Дополнително, прашуваат „кој му дал наредба на Триандопулос да ја преземе координацијата за „обнова на теренот“ по трагедијата?“. ср/сд/