• сабота, 22 февруари 2025

Парламентот на Ерменија одобри отпочнување на процесот за членство во ЕУ

Парламентот на Ерменија одобри отпочнување на процесот за членство во ЕУ

Ереван, 12 февруари 2025 (МИА) – Парламентот на Ерменија во прво читање го одобри нацрт-законот за започнување на процесот на пристапување на земјата во ЕУ, објави претседателот на Парламентот, Ален Симонјан на Икс.

Законот беше инициран со петиција со која се повикува властите да го отпочнат процесот на пристапување. Собрани се над 50.000 потписи, што е неопходно за едно прашање да се дебатира во Парламентот.

Ерменија во 2024 година соопшти дека излегува од Организацијата Договор за колективна безбедност, која е пандан на НАТО и е предводена од Кремљ. Ереван тогаш ја обвини Организацијата дека не интервенирала кога Ерменија беше нападната од соседен Азербејџан.

Но, Ерменија и понатаму е зависна од руската енергија и трговија, а исто така има и руска воена база на своја територија.

Рускиот заменик премиер Алексеј Оверчук неодамна ерменските аспирации за членство во ЕУ ги спореди како „купување билет за Титаник“ и предупреди на економските последици. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан