Панел-дискусија: „Од инциденти до системски ризици: Надворешните влијанија како тест за медиумската отпорност“
- Во Скопје денеска ќе се одржи панел-дискусија: „Од инциденти до системски ризици: надворешните влијанија како тест за медиумската отпорност“, на која ќе биде презентиран документот за јавни политики „Медиумскиот екосистем и странското мешање и манипулирање со информации (СММИ)“.
Скопје, 25 февруари 2026 (МИА) - Во Скопје денеска ќе се одржи панел-дискусија: „Од инциденти до системски ризици: Надворешните влијанија како тест за медиумската отпорност“, на која ќе биде презентиран документот за јавни политики „Медиумскиот екосистем и странското мешање и манипулирање со информации (СММИ)“.
- Странското мешање и манипулирање со информации (СММИ) претставува сложен системски ризик за демократските општества, кој особено се појавува и се засилува преку медиумите. СММИ функционира преку координирани активности на странски државни и недржавни актери, нивни посредници и усогласени канали, кои, меѓу другото, ја користат економската, институционалната и дигиталната ранливост на медиумите за да влијаат врз јавната дебата и врз довербата во институциите. Македонскиот медиумски екосистем не е имун на овие ризици. За тоа придонесуваат серија институционални ризик-фактори и системски слабости што ги прават медиумите, но и слободата на информирање подложни на (зло)употреба во координирани надворешни малициозни кампањи - се вели во соопштението од Институт за комуникациски студии.
Авторите Марина Тунева и Драган Секуловски ќе ги презентираат клучните поенти и препораките од документот за јавни политики.
Свои излагања ќе имаат претставници на медиумите, кои ќе споделат искуства за онлајн-напади на комуникациските канали на редакциите.
Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, Зоран Трајчевски, како и раководителката на секторот за сајбер-безбедност во Министерството за дигитална трансформација, Тања Милановска-Најдовски, ќе дадат свои осврти како овие предизвици (ќе) се третираат со новиот сет европски медиумски закони, како што е Евопскиот закон за слобода на медиумите (EMFA), Законот за дигиталните услуги (DSA), Европскиот закон за сајбер-безбедност (EU Cyber security Act) и сл.
ИКС го организира настанот во рамките на проектот „Следење, откривање и разобличување на скриеното странско мешање и манипулирање со информации“, кој е поддржан од британската амбасада во Скопје. сст/лв/
Фото МИА архива