• четврток, 19 март 2026

Отстранети 28 хаварисани возила од јавно-прометни површини од Куманово

Отстранети 28 хаварисани возила од јавно-прометни површини од Куманово

Куманово, 26 февруари 2026 (МИА) - Отстранети се 28 хаварисани возила од јавните површини во Куманово, информираа денеска од кумановската полиција. Возилата биле оставени од сопствениците кои не ги отстраниле и покрај укажувањата на припадниците на полицијата.

-По претходно изготвен план врз основа на заклучоци донесени на состанок во општина Куманово и извршени проверки од страна на СВР Куманово, полициски службеници од СВР Куманово изминатава недела презедоа конкретни мерки за отстранување на хаварисани возила на подрачјето на Куманово. Притоа, од јавните површини во градот биле отстранети вкупно 28 хаварисани возила, чии сопственици не ги отстраниле претходно и покрај укажувањето да го сторат тоа. Акцијата ќе продолжи и во наредниот период-соопштија од СВР Куманово.

Претходно, општина Куманово иницираше средби со надлежни локални и државни институции (од општина Куманово, од СВР Куманово, од Сектор за инспекциски надзор – инспекторат, комунални дејности и координаторите на советничките групи на Советот на Општина Куманово) одржаа состанок на кој посочија дека ќе најдат соодветен начин да се отстранат возилата од јавно-прометните површини.

-Ги повикуваме сопствените на тие возила да пријават службите за бесплатно да ги отстранат возилата од јавно- прометните површини- изјави претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска.

Согласно одлука за комунален ред на Општина Куманово, сите сопственици на неисправни, хаварисани и отпадни моторни возила, кои се оставени на јавно прометна површина, потребно е да се одјават во Одделение за управни работи Куманово (на ул. ЈНА бб). Со добиената потврда за одјава, граѓаните треба да се јават во Сектор за инспекциски надзор – Инспекторат при Општината, на ул. „Братство и единство“ бр. 18, Куманово (спроти градскиот стадион), со цел овие возила да бидат отстранети на сметка на колективен постапувач со хаварисани и отпадни возила.

По средбата, надлежните предупредија дека ако сопствениците на неисправните или хаварисани моторни возила, оставени на јавно прометна површина не постапат согласно законската обврска, возилата ќе бидат отстранети од колективниот постапувач со хаварисани и отпадни возила, а трошоците за отстранување ќе бидат на сметка на сопствениците на неисправните возила. Воедно, како што нагласуваат од општината, сопствениците на хаварисаните и отпадни моторни возила ќе се соочат со прекршочна постапка од соодветен орган. ам/вг/

Фото Општина Куманово

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан