Општина Центар со засилени контроли на урбаната опрема, најавени казни за бесправно поставување
- Општина Центар ги повикува сите правни субјекти и сопственици на угостителски објекти навремено да ја проверат и подготват целокупната документација за поставената урбана опрема на јавните површини.
Скопје, 26 февруари 2026 (МИА) - Општина Центар ги повикува сите правни субјекти и сопственици на угостителски објекти навремено да ја проверат и подготват целокупната документација за поставената урбана опрема на јавните површини.
Инспекциската служба на Општина Центар, како што информира општинската прес-служба, спроведува интензивни теренски контроли за утврдување дали терасите, настрешниците, шанковите, перголите, параваните, застаклените конструкции и другата урбана опрема се поставени со важечко одобрение и согласно издадената документација.
-За секоја утврдена неправилност, инспекторите согласно законските надлежности, ќе реагираат со поведување прекршочни постапки и изрекување соодветни санкции, велат од општината.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во повеќе наврати порача дека нема да има толеранција за бесправно узурпирање на јавниот простор.
-Нашите инспекциски служби се на терен. Соодветни казни ќе има за сите што немаат одобрение за поставување урбана опрема- рече Герасимовски. дма/са/
Фото: МИА архива