• среда, 15 април 2026

Општина Тетово со повик до граѓаните да дадат мислења за дигитализација на водомерните услуги 

Општина Тетово со повик до граѓаните да дадат мислења за дигитализација на водомерните услуги 

Тетово, 26 март 2026 (МИА) - Општина Тетово ги повика граѓаните да учествуват во консултативниот прашалник во врска со Физибилити студијата за дигитална трансформација на водомерните услуги.

Оваа студија беше презентирана преку две јавни расправи досега и ја испитува оправданоста од воведување дигитални водомери и наплаќање на сметки од далечина, како и воведување на јавно-приватно партнерство за овие услуги. 

„Овој процес има за цел да ги процени можностите за модернизација на јавните услуги, како и подобрување на ефикасноста, точноста и транспарентноста во управувањето со потрошувачката на вода. Ги повикуваме граѓаните преку овој прашалник да ги споделат своите прашања, забелешки и предлози, бидејќи вклученоста на јавноста останува клучен елемент во креирањето политики и решенија што директно влијаат врз секојдневниот живот“, се вели во повикот на општината која подготви и онлајн прашалник (https://docs.google.com/.../1FAIpQLSfulEhXDoe2GC.../viewform

Базата со податоци на комуналното претпријатие има регистрирано околу 22.000 корисници, но се смета дека има и до 40-50 илјади корисници кои се приклучени на водоводната мрежа, но не се регистрирани како потрошувачи на водата. 

Според податоците на општината, годишно во водоводниот систем протекуваат 10 милиони кубици вода, а сметки се даваат за потрошени 3 милиони кубици. Од тие три милиони кубици се наплаќаат максимални 60 отсто. ас/вг/

фото МИА архива 

Остани поврзан