Гранди го нарече „многу изненадувачки“ планот на Доналд Трамп за Газа
- Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР), Филипо Гранди, денеска го нарече „многу изненадувачки“ планот на американскиот претседател Доналд Трамп за окупација на Појасот Газа и раселување на населението.

Брисел, 5 февруари 2025 (МИА) - Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР), Филипо Гранди, денеска го нарече „многу изненадувачки“ планот на американскиот претседател Доналд Трамп за окупација на Појасот Газа и раселување на населението.
„Многу е тешко да се зборува за ова многу деликатно прашање“, рече Гранди.
Според него, моменталната ситуација, по вчерашните изјави на Трамп, останува нејасна.
Трамп рече дека САД ќе ја преземат сопственоста на разурнатиот од војна Појас Газа откако Палестинците ќе бидат раселени во други земји, а исто така и економски ќе го развијат тоа подрачје.
Трамп го објави планот, чии детали не ги соопшти, на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа.
„Тоа е нешто многу изненадувачки, но треба да видиме што значи тоа конкретно“, рече Гранди.
Во врска со суспензијата на американската странска помош, објавена од Илон Маск завчера, Гранди апелираше дека треба да се постапи мудро.
Потсетувајќи дека американската помош претставува меѓу 35 и 40 отсто од придонесите за Високиот комесаријат за бегалци, Гранди оцени дека методот на Маск е радикален.
Тој истакна дека веќе е во дијалог со американските власти и е во процес на повторно преговарање за помошта. Гранди, сепак, не рече дека директно преговара со Маск.
„Наш соговорник, кога станува збор за американската администрација, останува Стејт департментот“, додаде високиот комесар за бегалци при ОН. рп/
Фото: МИА архива