ОН: Напади со дронови во Судан уби повеќе од 500 цивили меѓу јануари и март
- Повеќе од 500 цивили беа убиени во Судан во напади со дронови меѓу јануари и средината на март, првенствено во стратешки важниот регион Кордофан, изјави денеска Високиот комесар на ОН за човекови права.
Женева, 24 март 2026 (МИА) - Повеќе од 500 цивили беа убиени во Судан во напади со дронови меѓу јануари и средината на март, првенствено во стратешки важниот регион Кордофан, изјави денеска Високиот комесар на ОН за човекови права.
„Според достапните информации, повеќе од 500 цивили беа убиени во овие напади, кои се случија меѓу 1 јануари и 15 март. Огромното мнозинство од овие цивилни смртни случаи се регистрирани во три држави во регионот Кордофан“, изјави портпаролката на Високиот комесар Марта Хуртадо на прес-конференција во Женева.
„Значителното зголемување на употребата на дронови за воздушни напади во Судан оваа година го истакнува разорното влијание на ова високотехнолошко и релативно евтино оружје во населените области“, рече портпаролката.
Според Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права, само во првите две недели од март, „повеќе од 277 цивили беа убиени, повеќе од три четвртини од нив во напади со дронови“.
„Овие смртоносни напади продолжија минатата недела, додека светиот месец Рамазан се приближуваше кон крајот“, рече Хуртадо, наведувајќи го нападот од 20 март врз Универзитетската болница Ел Даин во државата Источен Дарфур, во кој загинаа најмалку 64 лица, вклучувајќи 13 деца.
„Интензивирањето на нападите со дронови се шири надвор од границите на Судан, поттикнувајќи стравувања од понатамошна ескалација со значајни регионални последици“, рече портпаролката, осврнувајќи се на нападите насочени кон градовите на границата меѓу Судан и Чад по копнените офанзиви на паравоените сили Сили за брза поддршка (РСФ), кои се борат против армијата од април 2023 година.
Според неа, најмалку 24 цивили беа убиени во напад со дронови врз градот Тине во Чад на 18 март, а уште 60 лица беа ранети. Владата на Чад претходно објави дека загинале 17 лица.
Поради граѓанската војна во Судан, десетици илјади луѓе загинаа, а повеќе од 12 милиони беа раселени, од кои речиси еден милион побараа засолниште во Чад, според податоците на ОН.
„Ги повикуваме сите држави, особено оние со влијание, да сторат сè што можат за да ги спречат трансферите на оружје што ги поттикнуваат конфликтите и се користат во очигледно непочитување на обврската за заштита на цивилите во конфликт“, рече Хуртадо, повикувајќи на „обновување на дипломатските напори насочени кон итно прекинување на огнот и прекин на конфликтот“. мс/
фото: ЕПА архива