• сабота, 21 февруари 2026

Олимпиецот Виктор Петков на прием кај градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани

Олимпиецот Виктор Петков на прием кај градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани

Гостивар, 4 февруари 2026 (МИА) – Градоначалникот на Гостивар Ваљбон Лимани денеска се сретна со скијачот Виктор Петков, кој ќе настапи на Зимската олимпијада, при што лично му посака успех на претстојните натпревари и достоинствено претставување на државата и родниот град.

- Неговиот успех е гордост не само за Гостивар, туку и за целата држава. Особено е важно што настапот на Виктор Петков на Зимските олимписки игри Милано-Кортина е воедно и големо достигнување во неговата спортска кариера, рече Лимани.

Во разговорот пред заминување на македонските спортисти на ЗОИ, Лимани најави потрајна соработка со спортистите и финансиска поддршка. Градоначалникот Лимани ја потенцира институционална поддршка за младите спортисти и како што истакна, ваквите успеси ја детерминираат инспирацијата на новите генерации да ги остваруваат спортските соништа.

Виктор Петков е член на ски клубот „Сноу спорт клуб“ и во спортската кариера има постигнато значајни резултати. Досега, тој учествувал на пет Светски првенства во скијање, на значајни меѓународни купови и првенства. Негова специјалност се техничките дисциплини во скијање.

- Се надевам на добар резултат и настап и на оваа зимска олимпијада. Честа е голема да се биде дел од државна репрезентација, а со тоа и одговорноста, рече Петков пред неговиот прв настап на олимписки игри.

Од неговиот тим потврдија дека Виктор ќе настапи на велеслаломската трка на 14 февруари, а за слаломската ќе се одлучи дополнително. Тој годинава имаше добри резултати на натпреварите во на Јахорина и Купрес (БиХ).

Виктор утре заедно со олимписката експедиција патува за Италија, неговиот тим, техничката поддршка и опремата тргнаа еден ден порано.згм/вј/

Фото: Општина Гостивар

Остани поврзан