Околу 300 учесници на меѓународна планинарска трка „Крали Марко триалс“
- В недела, на 8 март, по 13-ти пат ќе се одржи меѓународната планинска трка „Крали Марко триалс“. Околу 300 учесници од Македонија и од уште 17 земји ќе учествуваат на веќе традиционалната манифестација која опфаќа три планински трки. Најдолгата е од 40, средната од 23, а најкратката е од 13 километри.
Прилеп, 5 март 2026 (МИА) - В недела, на 8 март, по 13-ти пат ќе се одржи меѓународната планинска трка „Крали Марко триалс“. Околу 300 учесници од Македонија и од уште 17 земји ќе учествуваат на веќе традиционалната манифестација која опфаќа три планински трки. Најдолгата е од 40, средната од 23, а најкратката е од 13 километри.

-Оваа манифестација е меѓународен спортско-рекреативен настан кој на уникатен начин ја претставува македонската култура и традиција и придонесува во развојот на авантуристичкиот туризам во нашата земја. Симболично, чекориме по стапките на легендарниот, историски јунак, Крали Марко, рече Пеце Стојкоски, одговорен за патеката на трката „Крали Марко триалс“.
Стартот на сите три трки е од Амфитеатарот во Варош, под Марковите Кули. Најдолгата од 40 километри почнува во 8, средната од 23 километри има старт од 9, а последната од 13 километри стартува од 10 часот. - Радува фактот што уште повеќе млади се придружуваат на манифестацијата, а ги имаме учесниците од Балканот, од Европа, па дури и од САД. Дел од нив се веќе „ветерани“ во учеството, објасни Стојкоски.

Во најтешката и најдолга трка која води од Прилеп, преку Трескавец, Единак, продолжува до Кукул, Наковална и назад до Амфитеатарот во Варош каде е стартот и крајот на сите трки се пријавени 50 натпреварувачи. Втората трка од 23 километри оди преку Трескавец, Маркови Кули, до Дабница и преку Наковална, и околу 95 учесниците се враќаат на целта. Третата трка опфаќа 155 учесници. Трката е обезбедена, патеката е обележана. За безбедноста се грижат 40 волонтери, извидничкиот одред „Феникс“ две медицински екипи, спасувачи во планина, посочи Стојкоски.
Оваа меѓународна манифестација е позната во светски рамки и двете најдолги трки се бодуваат.ем/вј/
Фото: МИА