Ново упатство за агентите на имиграциските власти по двете убиства во Минеаполис: Не влегувајте во интеракција со провокатори
- Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Минеаполис, Том Хоман, денеска треба јавно да го презентира планот за враќање на мирот во градот, кој се наоѓа во остар судир со администрацијата по убиството на медицински техничар од страна на федералните агенти.
Минеаполис, 29 јануари 2026 (МИА) - Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Минеаполис, Том Хоман, денеска треба јавно да го презентира планот за враќање на мирот во градот, кој се наоѓа во остар судир со администрацијата по убиството на медицински техничар од страна на федералните агенти.
Хоман ќе се обрати во 8 часот по локално време во услови на продлабочен конфликт меѓу федералните агенции и локалните власти, како и меѓу републиканската администрација и демократската опозиција. Претседателскиот пратеник беше итно испратен во Минеаполис неделава за да ја преземе контролата врз нестабилната ситуација, иако претседателот Доналд Трамп продолжува со контрадикторни изјави - од повици за смирување до одмаздничка реторика.
Минеаполис, кој стана симбол на антиимиграциската политика на Трамп, е погоден од смртта на двајца Американци застрелани од федералните агенти: Алекс Прети (37), медицински техничар убиен во саботата од страна на Царинската и гранична заштита (CBP), и Рене Гуд (37), мајка на две деца, убиена на 7 јануари од Имиграциската и царинска служба (ICE).
Убиството на Прети, вработен во болница за ветерани, ги разгоре тензиите поради масовното сузбивање на имиграцијата во градовите под демократска власт. Гневот дополнително порасна кога федералните власти го обвинија самиот Прети за смртта иако видеоснимките го покажуваат спротивното. Граничната полиција вчера соопшти дека суспендирала двајца агенти инволвирани во случајот со Прети нагласувајќи дека станува збор за стандардна процедура.
Во меѓувреме, припадниците на Службата за имиграција и царинска контрола (ICE) во американската држава Минесота добија наредба да избегнуваат контакт со провокатори додека спроведуваат рации, според внатрешните упатства во кои увид имал „Ројтерс“, пренесува „Бета“. Новото упатство, кое дава најдетаљни информации досега за тоа како ќе се променат операциите по фаталните престрелки, им наложува на службениците да ги таргетираат само мигрантите со криминални досиеја или пресуди.
„НЕ КОМУНИЦИРАЈТЕ И НЕ ВЛЕГУВАЈТЕ ВО ИНТЕРАКЦИЈА СО ПРОВОКАТОРИ“, се вели во е-поштата од висок функционер на ICE. „Тоа не служи за друга цел, освен дополнително разгорување на тензиите. Единствената комуникација треба да биде во форма на издавање наредби“, се додава во упатството.
Оперативната промена доаѓа откога Трамп оваа недела изјави дека целта е да се „еескалираат тензиите во Минеаполис и Сент Пол. На прашање упатено до Белата куќа за коментар функционер на администрацијата рече: „Во тек се дискусии за тоа како најефикасно да се спроведуваат операции во Минесота. Ниедно упатство не треба да се смета за конечно сè додека не биде официјално издадено“.
Од друга страна, Трамп преку својата платформа „Трут соушл“ упати остри критики до градоначалникот на Минеаполис, Џејкоб Фреј, кој изјави дека нема да ги спроведува федералните закони за имиграција. Трамп порача дека таквиот став е сериозно кршење на законот и дека градоначалникот си игра со оган. Фреј, пак, оцени дека потрагата по имигранти е „политичка одмазда“, која треба да ги загрижи сите во Америка. ссм/
фото: ДПА