• сабота, 21 февруари 2026

Нелоски: СДСМ да ги изнесе информациите во потврдна форма за да поднесам тужба за клевета

Нелоски: СДСМ да ги изнесе информациите во потврдна форма за да поднесам тужба за клевета

Скопје, 27 јануари 2026 (МИА) - СДСМ да не поставува прашања, туку да ги изнесе информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи, порача Владимир Нелоски преку својот фејсбук-профил.

Обвинувањата што ги изнесува СДСМ, Нелоски ги квалификува како тирада на нечесни и валкани прес-конференции, кои изобилуваат со невистини креирани информации и полуинформации.

- Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес-конференции на СДС, партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираноста во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и од тој пусти страв од одговорност, која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од споменатата приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари - наведува Нелоски. 

Според него, како и секој човек, и татко му има право да работи, а со трговија почнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија.

- Мојот татко цел живот работи чесно во приватниот сектор. Колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата. Така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции. И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката, нека не поставуваат прашања од СДС, туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи - пишува Нелоски. мч/

фото: ФБ на Владимир Нелоски

Остани поврзан