• сабота, 22 февруари 2025

Неколку загинати во размена на оган на Западниот Брег

Неколку загинати во размена на оган на Западниот Брег

Рамала, 31 јануари 2025 (МИА) – Двајца Палестинци се убиени во Џенин, во северниот дел на Западниот Брег, во размена на оган со израелските сили, соопштија палестински извори, пренесе ДПА.

Во меѓувреме, израелската армија соопшти дека еден војник бил убиен, а друг тешко повреден за време на операција во градот. „Тајмс оф Израел“ јави дека војникот бил убиен во размена на оган со палестински вооружени лица. Нејасно е дали извештаите се однесуваат на истиот инцидент.

Палестинското Министерство за здравство во Рамала соопшти дека израелските власти биле информирани за смртта на двајцата Палестинци во Џенин. Не е објавено ништо за нивниот идентитет.

Според палестински извештаи, 42-годишен маж бил убиен од израелски истрели во Наблус, исто така на север од палестинската територија. Во инцидентот била повредена сопругата на мажот.

Според израелската полиција, Палестинецот се барал поради неговата наводна вмешаност во напади. Тој наводно бил вооружен и се обидел да побегне кога полицијата се обидела да го уапси, па полицајците пукале во мажот и го убиле, соопшти полицијата.

Израелската армија пред повеќе од една недела почна нова, голема воена операција во Џенин. Министерот за надворешни работи Израел Кац неодамна објави дека израелската армија ќе остане во градот „за да се осигура дека теророт нема да се врати“.

И онака затегнатата ситуација на Западниот Брег значително се интензивираше откако палестинската милитантна група Хамас изврши терористички напади на 7 октомври 2023 година врз јужен Израел, предизвикувајќи конфликт во Газа.

Според Министерството за здравство во Рамала, оттогаш таму се убиени 853 Палестинци во израелски воени операции, вооружени конфронтации и екстремистички напади. Во исто време, има зголемено насилство од страна на радикалните израелски доселеници врз палестинските цивили. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан