Најмладите од Крива Паланка традиционално,добија новогодишни пакетчиња од општината
- Традиционално, во пресрет на новата година, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со претседателот на Советот на општината, Миле Трајковски, им поделија новогодишни пакетчиња на најмладите жители, дечињата од детската градинка „Детелинка“.
Крива Паланка, 26 декември 2025 (МИА) - Традиционално, во пресрет на новата година, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со претседателот на Советот на општината, Миле Трајковски, им поделија новогодишни пакетчиња на најмладите жители, дечињата од детската градинка „Детелинка“.
-Заедно со Дедо Мраз и маскоти со омилените ликови од цртаните филмови, градоначалникот Митовски и неговиот тим ги посетија објектите на детската градинка и ги израдуваа со пакетчиња од општината. Детските насмевки и искрената радост ја направија празничната атмосфера уште потопла, потсетувајќи нè дека децата се најубавиот симбол на надеж и среќа, посочуваат од службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка, од каде нагласија дека во просториите на општината се организираше и делење пакетчиња за децата на вработените во општинската администрација.
Митовски на својата Фејсбук страница напиша „Радост, насмевки и детска смеа го обоија денешниот ден. Со право можеме да кажеме дека ова беше еден од најубавите и највеселите денови во нашата општина. Прекрасно е чувството кога просториите се исполнети со детски џагор, искрени насмевки и безгрижна енергија. Детската радост и искреност нè потсетија колку се важни ваквите моменти на заедништво, топлина и внимание кон најмладите.Овие насмевки се најубавата потврда дека општината е дом за сите и големи и мали“.
Новогодишни пакетчиња за најмладите додели и градоначалникот на Општина Ранковце, Даниел Павловски, кој заедно со советниците во Ранковце, како што рече, со искрена радост и чувство на општествена одговорност, поделија новогодишни пакетчиња на дечињата од клонот на градинката „Детелинка“ во оваа општина.
-Овој мал, но значаен гест претставува израз на нашата грижа и посветеност кон најмладите, кои се темел на иднината на нашата заедница. Насмевките и детската радост беа најубавата потврда дека вниманието, солидарноста и човечноста се вредности што треба постојано да ги негуваме, особено во пресрет на новогодишните празници, рече Павловски.
Денес се одржа и свечена седница на Советот на Општина Крива Паланка, последна за 2025 година, на која беше направен осврт на реализираните активности во изминатата година и беа упатени честитки и желби за успешна и плодна 2026 година.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка, во своето обраќање, посака сите граѓани да ги дочекат празниците со здравје, мир и радост, а новата година да донесе уште повеќе заеднички успеси и достигнувања.ид/вј/
Фото: МИА