• петок, 20 февруари 2026

Најмалку седуммина загинати во немири по изборите во Уганда

Најмалку седуммина загинати во немири по изборите во Уганда

Кампала, 16 јануари 2026 (МИА) – Најмалку седум лица се убиени во судирите во текот на ноќта во централна Уганда, соопшти полицијата, по изборите со кои, според првичните резултати, почна петтата деценија на власт на претседателот Јовери Мусевени.

Резултатите објавени од изборната комисија покажуваат дека Мусевени освоил над 75 проценти од гласовите на претседателските избори во четвртокот врз основа на пребројувањето на гласовите од 59 отсто од избирачките места. Неговиот главен предизвикувач, популарниот пејач Боби Вајн, заостануваше со речиси 21 отсто поддршка, а преостанатите гласови беа поделени меѓу шест други кандидати.

По кампањата одбележана со судири на опозициските собири и широкораспространета репресија и заплашувањето, според процената на Обединетите нации, гласањето вчера помина мирно.

Сепак, насилство избувна во текот на ноќта во градот Бутамбала, околу 55 километри југозападно од главниот град Кампала, според портпаролот на полицијата и пратеник во парламентот од таа област, кои дадоа разни верзии на настаните.

Изборите се сметаа за тест за политичката моќ на политичкиот ветеран, 81-годишниот Мусевени, и неговата способност да спречи немири какви што ги потресоа соседните Танзанија и Кенија. Мусевени, по гласањето во четвртокот, им рече на новинарите дека очекува победа со 80 проценти од гласовите ако нема мамење.

Ривалот Вајн тврди дека за време на изборите дошло до масовна измама и ги повика поддржувачите на протест. Имено, изборите беа одржани со ограничување на интернетот за гласачите за што властите велат дека било потребно за да се спречат дезинформации.

Партијата на Вајн, Платформа за национално единство (НУП), доцна синоќа на својот профил на X напиша дека војската и полицијата ја опколиле куќата на Вајн во главниот град Кампала, „со што практично го ставиле во куќен притвор“. Портпаролот на националната полиција Китуума Русоке изјави дека не му е познато дека Вајн е ставен во куќен притвор. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан