• петок, 20 февруари 2026

ССМ пред Владата ќе бара зголемување на минималната и на сите други плати

ССМ пред Владата ќе бара зголемување на минималната и на сите други плати

Скопје, 17 февруари 2026 (МИА) - Сојузот на синдикатите денеска со блолада на пристапите кон Владата ќе бара зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите други плати за 100 евра. Владата е третата институција што ќе биде блокирана од Синдикатот откога минатата недела беа блокирани Собранието и Стопанската комора. 

Блокадата, како што појаснуваат од ССМ, е поради тоа што Владата и работодавачите не се договориле за зголемување на платите на работниците и затоа што минатата година Владата не го прифатила предлогот за субвенционирање на дел од придонесите. 

Со 21 човек, колку што налага Законот за јавните собири, ќе бидат блокирани влезовите на Владата, која денеска треба да одржи редовна седница.

Од ССМ очекуваат дека ќе наидат на разбирање и посочуваат дека Владата има можност на седницата да донесе одлука за зголемување на платите на работниците. 

- Последната блокада пред Владата е токму поради тоа што ги блокира работничките плати долг временски период за кој вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 9.250 денари или едно четиричлено семејство е посиромашно за 9.250 денари. Падна и последниот аргумент на владините претставници, кои заедно со газдите го кажуваат континуирано овој период, а тоа е дека македонските работници не се продуктивни. Македонските работници се премногу продуктивни за платите што ги примаат или само 17 проценти од она што го создаваат како капитал на работодавачите се слева во платите на работниците или како пример - 24.379 денари изнесува минималната плата месечно за еден работник, а 290.000 денари е продуктивноста што ја создава работникот за работодавачот - изјави вчера претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.

Со ова, ССМ, по протестот одржан на 28 јануари, ги реализира најавените блокади на институциите. Доколку не наидат на разбирање, најавуваат организирање уште еден протест и генерален штрајк, кој, според информациите, ќе биде 24-часовен. 

Барањето за зголемување на платите ССМ го темели на порастот на животните трошоци и порастот на вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка. Ако Синдикатот не успее во барањата за зголемување на платите, работниците што земаат минимална плата во април, според пресметките, ќе добијат зголемување од 1.500 до 1.700 денари. бак/

Фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан