• вторник, 14 април 2026

Регионална конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“

Регионална конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“

Скопје, 26 март 2026 (МИА) - Министри, раководства на универзитети, академици, истражувачи, креатори на политики, претставници на индустријата, работодавачи, експерти и студенти ќе бидат дел од Регионалната конференција „Мостови кон иднината: Интернационализација на високото образование на Западен Балкан и Југоисточна Европа“, што ќе се одржи денеска и утре во Скопје.

Министерството за образование и наука, како покровител на настанот, информира дека конференцијата е коорганизирана од Регионалниот совет за соработка (RCC) и Светската банка и претставува дијалог на високо ниво.

- Конференцијата е конципирана како платформа за поврзување луѓе, идеи и институции, кои ќе придонесат за обликување на следната фаза од реформата на високото образование во регионот. Учесниците ќе дискутираат за конкурентноста на универзитетите и за нивната усогласеност со европските и глобалните стандарди, иновациите и дигиталните вештини, особено во STEM-областите, политиките за мобилност и создавањето услови младите да учат, истражуваат и да работат во разни земји, а стекнатото знаење да се враќа назад во регионот, како и за јакнење на соработката насочена кон споделување најдобри практики и искуства - стои во соопштението на МОН.

И покрај историските и институционалните разлики, шесте држави од Западен Балкан, како што дополнуваат, делат заеднички предизвици, вредности и стремежи.

- Преку дијалози и размена на идеи регионот сака да покаже дека не е само пасивен учесник во европските процеси, туку и рамноправен партнер, кој со знаења, таленти и иновации може да ја збогати Европа - нагласуваат од МОН.ар/са/

Фото: МИА

Остани поврзан