Промоција на романот „Зара Зарина“ од Лилјана Пандева
- Промоцијата на романот „Зара Зарина“ од Лилјана Пандева во издание на „ПНВ Публикации“ ќе се одржи денеска во 19 часот во Салон Империјал 2 во Културно информативниот центар – Скопје.
Скопје, 15 април 2026 (МИА) - Промоцијата на романот „Зара Зарина“ од Лилјана Пандева во издание на „ПНВ Публикации“ ќе се одржи денеска во 19 часот во Салон Империјал 2 во Културно информативниот центар – Скопје.
„Зара Зарина“ низ испреплетување на минатото и иднината ја раскажува судбината на главниот лик и нејзините родители, допирајќи ги националните, религиозните, традиционалните и современите идентитети. Романот започнува во Кабул и се развива во повеќе правци, опфаќајќи го времето кога странски студенти од арапските земји студираа во Македонија, студентскиот живот од тој период, како и актуелните приказни поврзани со мигрантската рута.
За книгата ќе говори проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, а разговорот ќе го модерира Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Лилјана Пандева е македонска писателка со обемен опус од проза, поезија и драмски текстови за деца. Автор е на бројни збирки раскази, романи и поетски книги, од кои неколку се преведени на странски јазици. Добитник е на значајни книжевни признанија, меѓу кои наградите „Стале Попов“, „Григор Прличев“, повеќекратна награда за најдобар краток расказ на „Нова Македонија“, како и престижната награда „13 Ноември“ на Град Скопје за култура. ар/нд/
Фото: Плакат