• сабота, 21 февруари 2026

Научно-стручна расправа по предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители

Научно-стручна расправа по предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители

Скопје, 5 февруари 2026 (МИА) - Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Центарот за стратегиски истражувања при Македонската академија на науките и уметностите денеска во МАНУ организираат научно-стручна расправа по предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители.

Предлог-законот е објавен на ЕНЕР на 2 јануари 2026 година. Текстот на предлог-законот е достапен на следната страница: (https://ener.gov.mk/Default.aspx?item=pub_regulation&subitem=view_reg_detail&itemid=114839).

Од Здружението за кривично право и криминологија на Македонија информираат дека станува збор за особено значаен закон. Предлог-измените на актуелниот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители следуваат по препораките за законски измени дадени од страна на оценската мисија на ЕУ, како и анализата спроведена во 2025 година во рамките на проектот EU Support for Rule of Law. Новиот предлог-закон треба да ги отстрани недоследностите и слабостите на постојниот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители.

На расправата се очекува да учествуваат истакнати претставници на академската заедница, правосудните институции и стручната јавност. Како што најавуваат организаторите, на научно-стручната расправа ќе се обратат академик Владо Камбовски од Центарот за стратешки истражувања при МАНУ, Ирина Трајкоска-Стрезоски, директор на Академијата за судии и јавни обвинители, Калина Цакова, претставник од ЕУ-поддршка за владеење на правото, Боро Илкоски, претставник од ЕУ-поддршка за владеење на правото, и претставници од Министерството за правда, од Судскиот совет, од Совеот на јавните обвинители, од Здружението на судиите, од Здружението на јавните обвинители и од невладиниот сектор.

Од научно-стручната расправа се очекува да произлезат заклучоци, кои ќе бидат доставени до Министерството за правда во насока на унапредување на текстот на предлог-законот. фф/са/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан