Концерт „Јинг-Јанг“ во Македонската филхармонија
- Оркестарот на Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе одржи концерт насловен „Јинг-Јанг“, на кој како солисти ќе настапат врвниот виолинист Теди Папаврами (Албанија, Велика Британија) и пијанистката Маки Окада (Јапонија, Швајцарија) под диригентство на Олси Кинами.
Скопје, 22 јануари 2026 (МИА) - Оркестарот на Македонската филхармонија вечер од 20 часот ќе одржи концерт насловен „Јинг-Јанг“, на кој како солисти ќе настапат врвниот виолинист Теди Папаврами (Албанија, Велика Британија) и пијанистката Маки Окада (Јапонија, Швајцарија) под диригентство на Олси Кинами.
На програмата се увертира од операта „Крадливата страчка“ од Џоакино Росини, Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во Де-дур, оп. 6 од Николо Паганини и Концертот за пијано и оркестар бр. 1 во е-мол, оп. 11 од Фредерик Шопен.
Папаврами, кој е познат по својата виртуозност и богата интернационална кариера, денес е професор по виолина во Женева. Окада, пак, е пијанистка со активна концертна дејност во Европа и Јапонија, со настапи како солистка и во камерни состави. Фокусирана е на репертоар за виолина и пијано, во соработка со виолинистот Теди Папаврами.
Тие заедно, во 2018 година, ја освоиле наградата „Barocksaal“ во Кјото, доделена за најдобар концерт на сезоната. хс/са/
Фото: Македонска филхармонија