• сабота, 22 февруари 2025

Кафе-книжарницата „Буква“ одбележува четири години постоење

Кафе-книжарницата „Буква“ одбележува четири години постоење

Скопје, 31 јануари 2025 (МИА) - Кафе-кнжарницата „Буква“ во центарот на Скопје одбележува четири години постоење со два настана што ги организира денеска и утре. 

По повод роденденот, вечер од 19 часот организира „специјална џем сесија и музичка селекција со пријателите од колективот Гола планина“, а утре е концертот на Хот џез оркестарот - „трио кое изведува медитеранско зачинети свинг минијатури“ со репертоар на кој се композиции од 1920-тите  до 1940-тите години.

-Нивната мисија делумно е да се зачуваат звуците од раните стадиуми на џез историјата, но исто така е потрага по софистицираност преку жива ритмичка експресија, соопшти „Буква“. 

Триото Хот џез оркестар го сочинуваат: кларинетистот Иво Солдатовиќ Сол и гитаристите Андреј Момировски Буцо и Бојан Петков Шамба. 

За нивниот четврти роденден, од „Буква“ велат дека четири години се „во служба само и само на културата во главниот град“.

-Ова наше и ваше место живее како собирен пункт и канал за комуникација на она што во Македонија и пошироко, низ Европа и низ светот, го прават стотици, а со овој роденден веќе и илјадници уметници, музичари, поети, писатели, режисери... Со сиот свој простор, со сите свои полици, ѕидови и ќошиња, и со широкиот шанк на кој секогаш има уво за секоја приказна. Така како што единствено може да биде — природно, искрено и верно, соопшти „Буква“.хс/са/

Фото: Кафе-кнжарница „Буква“

 

 

 

 

 

 

 

Остани поврзан