Изложба на фотографии и проекција на документарец во Сули ан во рамките на проектот „Старата скопска чаршија: визии за иднината"
- Изложба на фотографии и проекција на документарен филм реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината" ќе бидат претставени вечерва во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан во Скопје. Настанот ќе го отворат амбасадорите на Франција и на Германија, Кристоф Ле Риголер и Петра Дрекслер.
Скопје, 22 јануари 2026 (МИА) - Изложба на фотографии и проекција на документарен филм реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината“ ќе бидат претставени вечерва во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Сули ан во Скопје.
Настанот ќе го отворат амбасадорите на Франција и на Германија, Кристоф Ле Риголер и Петра Дрекслер.
Францускиот институт во Скопје во соработка со Гете-институтот и со поддршка на Универзаланата сала ја организира оваа изложба на фотографии реализирани од студентите што учествувале во работилницата со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве, а повод е одбележувањето на Елисејскиот договор.
- Фотографиите претставуваат спој на старите и новите градби, обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија, откривајќи ги нејзините мултикултурни аспекти, лица, споменици и сокаци - се наведува во соопштението.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град.
- Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија - амбиентот во кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет - соопштија од Францускиот институт во Скопје.
Според Францускиот институт, проектот имаше цел да ја стимулира креативноста кај младите, да го промовира историското наследство на Скопската чаршија и да понуди креативни решенија за зачувување на културното наследство во иднина.
- Проектот ја нагласи важноста на меѓународната соработка за зачувување и валоризација на ова заедничко наследство. Во рамките на проектот беа реализирани пет работилници - видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура - во кои учествуваа повеќе од 25 студенти од разни факултети во Скопје работејќи со реномирани меѓународни и домашни артисти, режисери и професори - се наведува за документарецот и за изложбата, чие свечено отворање ќе се одржи вечер во 19 часот.
Во рамките на настанот ќе им бидат доделени благодарници на сите учесници на проектот. вг/са/
Фото: плакат Француски институт Скопје