• четврток, 19 март 2026

НАИ: Новиот булевар во Тетово е ризик за граѓаните, пуштањето во употреба без технички прием е кривично дело

НАИ: Новиот булевар во Тетово е ризик за граѓаните, пуштањето во употреба без технички прием е кривично дело

Тетово, 26 февруари 2026 (МИА) - Координаторот на советничката група на коалицијата Национална Алијанса за Интеграција (НАИ) во Општина Тетово, Берат Мурати на прес-конференција најави дека ќе поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство за продолжувањето на булеварот „Видое Смилевски-Бато“.  

Обраложуваат дека продолжувањето на булеварот од касарната до селото Порој е направено без технички прием и претставува ризик за граѓаните. 

-На 10.02.2026 година, како група советници од АКИ Тетово, поднесовме барање за пристап до информации од јавен карактер во врска со проектот за продолжување на Индустрискиот булевар, од касарната до село Порој. Одговорот кој го добивме од Општина Тетово потврдува дека оваа улица е пуштена во употреба без извршен технички прием. Тоа значи дека проект вреден околу 2,5 милиони евра, финансиран со пари на тетовчани, е ставен во функција без техничка проверка и без гаранција за безбедност. Ова претставува сериозно кривично дело и директен ризик за граѓаните, истакна Берат Мурати. 

Тој посочи дека безбедноста на граѓаните е клучен приоритет, а злоупотребата на јавните пари нема да остане без одговорност.

-Ситуацијата станува позагрижувачка ако се земе предвид дека делот кој беше пуштен претходно веќе има видливи оштетувања, што отвора сериозни сомнежи за квалитетот на изведените работи и за лошото управување со јавните средства.Бараме целосна и независна ревизија за да се утврди дали градежните работи се изведени согласно техничката спецификација и договорот.Во наредниот период ќе поднесеме кривична пријава до Основното јавно обвинителство во Тетово за овој проект и за други злоупотреби, истакна Мурати.  ас/

фото МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан