Набљудувачка мисија на ЕУ за изборите: Изјавата на Гренел е мешање во косовските избори
- Шефицата на Изборната набљудувачка мисија на ЕУ во Косово, Натали Лоазо денеска наведе дека изјавите на специјалниот пратеник на САД, Ричард Гренел биле недипломатски, а говорот на владејачката партија го оцени како негативен

Приштина, 11 февруари 2025 (МИА) – Шефицата на Изборната набљудувачка мисија на ЕУ во Косово, Натали Лоазо денеска наведе дека изјавите на специјалниот пратеник на САД, Ричард Гренел биле недипломатски, а говорот на владејачката партија го оцени како негативен.
- Бевме сведоци на интервенциите на американскиот пратеник Ричард Гренел на социјалните мрежи кога го критикуваше премиерот Албин Курти и тоа може да се опише како нешто недипломатско, истакна Лоазо на прес-конференција претставувајќи го прелиминарниот извештај за надзор на парламентарните избори во Косово.
Според неа имало голема поларизација за време на изборната кампања, притоа изразувајќи загриженост и за јазикот што го користи владејачката партија.
- Изборите, вклучително и денот на изборите, беа мирни и без забележителни инциденти, а кампањата беше доста конкурентна; сепак, поларизацијата и длабоката поделеност беа очигледни во суровата реторика на кампањата. Забележавме употреба на запалив јазик и вербални напади врз противниците на митинзите и во телевизиските дебати, истакна Лоазо.
Таа додаде дека изборниот ден во Косово протекол мирно и граѓаните можеле да гласаат во добри услови.
Но, Лоазо побара целосна транспарентност за време на пребројувањето на гласовите.
- Тешкотиите станаа очигледни за време на фазата на броење. ЦИК имаше предизвици при регрутирањето, обуката и набавките. Треба да има целосна транспарентност за тоа што не оди добро и зошто, посочи Лоазо. ми/
фото: Википедија