• четврток, 04 декември 2025

На Универзитетот „Мајка Тереза“ пристап до информации и услуги преку виртуелен асистент

На Универзитетот „Мајка Тереза“ пристап до информации и услуги преку виртуелен асистент

Скопје, 1 декември 2025 (МИА) - Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје денеска презентираше виртуелен асистент базиран на вештачка интелигенција - иновативна алатка за студентите и наставниот кадар која ќе им овозможи поддршка и насоки за сите академски и административни прашања поврзани со Универзитетот.

Со користење на виртуелниот асистент, именуван „Мајка Тереза“ и поставен на веб-страницата на универзитетот, тие ќе имаат побрз пристап до информации, поефикасна комуникација, подобра ориентација низ универзитетските услуги и полесна употреба на академските платформи. 

Ректорот Беким Фетаји рече дека алатката се активира со посета на нивната веб-страница, исто така и преку мобилен телефон, и може да се постави какво било прашање поврзано со Универзитетот „Мајка Тереза“. Засега е достапна на албански и на македонски, а во иднина ќе содржи и информации на англиски јазик. Во процес на доработка е и опција за комуникација како со вистинска личност односно корисникот ќе може да се јави и да се слушне со виртуелниот асистент.

-Во моментов алатката се надоградува, проверува се што има на веб-страницата како информација, а бидејќи има специфични прашања кои во моментов може да не се наоѓаат како информации на страницата, и сите тие неодговорени прашања администраторот ќе ги постави подоцна и ќе одговара на секое од нив. Така што, со текот на времето самата база на податоци ќе се зголемува и информациите што ќе ги дава ќе бидат поопсежни и подетални. Освен обичен чет, отвора и ПДФ-документ, академскиот календар, регистрацијата за испити и роковите за нивно пријавување итн., посочи Фетаји.

Виртуелниот асистент го креирале самите односно тим од нивниот Факултет за информатика и, рече, се отворени за поддршка и да им помогнат на други јавни високообразовни институции кои сакаат да создадат ваква алатка. 

Студентите и академскиот кадар присутни на презентацијата директно  комуницираа со виртуелниот асистент поставувајќи прашања со што практично беше тестирана функционалноста на алатката.

Универзитетот „Мајка Тереза“ има осум факултети и 32 студиски програми. Во учебната 2025/2026 во прва година се запишале 1055 студенти и настава, по нивни избор, следат на три јазици – македонски, албански и англиски. хс/вј/

Фото: МИА 

Остани поврзан