На младите им треба голема поддршка за социјално претприемништво
- Неопходна е поддршка на сите чинители на заедницата за младите да создадат успешно социјално претприемништво, беше нагласено на денешната конференција на прилепскиот Економски факултет насловена „Заедно за социјална промена: политики, образование и локална акција“ што ја спроведува невладината „Младински сојуз-Крушево“. Ќе се создаде платформа или вмрежување на различни чинители во земјава кои работат на социјалното претприемништво. Вмрежувањето ќе опфати околу 1000 млади од земјава кои треба да ја добијат сета поддршка за развој на своите бизниси во социјалното претприемништво.
Прилеп, 25 март 2026 (МИА) - Неопходна е поддршка на сите чинители на заедницата за младите да создадат успешно социјално претприемништво, беше нагласено на денешната конференција на прилепскиот Економски факултет насловена „Заедно за социјална промена: политики, образование и локална акција“ што ја спроведува невладината „Младински сојуз-Крушево“.

Ќе се создаде платформа или вмрежување на различни чинители во земјава кои работат на социјалното претприемништво. Вмрежувањето ќе опфати околу 1000 млади од земјава кои треба да ја добијат сета поддршка за развој на своите бизниси во социјалното претприемништво.
-Целта е да се види како заедно може да го поттикнеме социјалното претприемништво на локално ниво. Проектот е поддржан од Европската Унија и работи на градење на капацитетите на локалните младински организации кои понатаму ќе ги поттикнат младите луѓе да отворат социјални претпријатија во своите локални заедници и да се самовработат. Таргетот ни е да вмрежиме 1000 млади луѓе во целата држава, вели Анелија Митрова, оперативен координатор во „Младински сојуз- Крушево“ .
Битно е младите да знаат што значи социјално претприемништво, како се прави бизнис план и кои се потребите на заедницата од која доаѓаат. Пелагонискиот регион нуди големи можности.
-Бидејќи имаме тенденција на напуштање на малите средини, работиме за да ги „оживееме“ тие средини и да се види целосниот потенцијал: и на младите и на локалната заедница. Па, преку соработката на сите чинители може да го унапредиме квалитетот на животот на младите, нивниот економски стандард и самите локални заедници. Ние знаеме колку ги искористиле тие можности преку Агенцијата за вработување, но не знаеме како понатаму се одвива процесот. Индикативно е што кога ќе заврши таа проектна или државна поддршка, тие претпријатија згаснуваат. Затоа мора сите да ја дадат поддршката кога младите отвораат свои бизниси, посебно во социјалното претприемништво. Тоа мора да решава социјален проблем, но и да функционира како секој бизнис, објаснува Митрова.

Нагласи дека на младите им е потребна сета поддршка од заедницата. На прагот сме од донесување на Закон за социјално претприемништво.
-Сите, како различни чинители, треба да сме поврзани со иста цел: поддршка на новите, млади социјални претприемници во развојот на бизнис идеите во нивните средини. Тоа придонесува кон развојот на економијата, особено локалната, а социјалната е особено важна за локалната економија. Во овој период имаме и предлог закон за социјално претприемништво и се надевам дека ќе придонесеме кон ранливата група млади луѓе - невработени, оние кои се надвор од образовниот систем, млади луѓе особено од руралните средини за да го создадат и одржат социјаното претприемништво, вели Билјана Стојческа, програмски координатор „Младински сојуз-Крушево“.
Вакви конференции ќе се одржат во сите осум плански региони во Македонија. Досега се одржаа во Скопје и Струга.ем/вј/
Фото: МИА