• петок, 05 декември 2025

Монографијата „Македонска поетика и стилистика“ претставена на Универзитетот во Загреб

Монографијата „Македонска поетика и стилистика“ претставена на Универзитетот во Загреб

Скопје, 25 ноември 2025 (МИА) - Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ подготвена од македонски тим истражувачи вчера беше претставена и на Универзитетот во Загреб по промоциите на универзитетите во Мадрид, Париз, Задар, Бања Лука и Скопје. Од тимот велат дека ова капитално дело веќе е во фондот на загрепските библиотеки и ќе биде дел од наставата на загрепскиот Филозофски факултет.

Колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ е наменета за странската читателска публика и во неа се обработени главните поетолошки и стилски движења во македонската книжевност, почнувајќи од средниот век, па сѐ до денес. Изданието е работено според методологијата и насоките укажани и прифатени од Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац, Австрија, кои воедно се и издавачи.

Автори на монографијата се Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска и професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, сите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац.

-Како што беше истакнато од предавачите по македонистика на Универзитетот во Загреб на претставувањето на оваа монографија пред загрепските студенти, таа ќе биде појдовна точка и цврста основа за натамошни истражувања на новите генерации хрватски македонисти од загрепската Катедра за македонски јазик и книжевност, се наведува во соопштението. 

Пред загрепските млади македонисти изданието го претставија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во рамките на манифестацијата „Македонскиот јазик е нашиот идентитет“ што втора година по ред ја организира македонското културно друштво „Охридски бисер“, под раководство на Ивана Брезовец.

Во рамките на средбата, одделно внимание беше посветено и на знаменитиот македонскиот поет Раде Силјан, во чијашто чест годинава и се одржува манифестацијата, со посебен акцент на централниот настан што денес ќе се одржи во Загреб – по повод 75 години од неговото раѓање и 50 години од објавувањето на првата поетска книга. Од вчера, за загрепските македонисти се достапни и изборот од неговата поезија „Лажно време“ и книгата „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“ што издавачот „Дијалог“ ги објави по повод двата значајни јубилеи, се наведува во соопштението. хс/дма/

Фото: Иван Антоновски 

 

 

 

Остани поврзан