МКС бара одговори од Италија за ослободувањето на осомничен либиски воен злосторник
- Меѓународниот кривичен суд (МКС) побара одговори од Италија поради ослободувањето на Либиец осомничен за злосторства против човештвото и воени злосторства, меѓу кои убиство, мачење, силување и сексуално насилство.

Хаг, 23 јануари 2025 (МИА) - Меѓународниот кривичен суд (МКС) побара одговори од Италија поради ослободувањето на Либиец осомничен за злосторства против човештвото и воени злосторства, меѓу кои убиство, мачење, силување и сексуално насилство.
Италија го уапси Осама Елмасри Енџем во неделата во Торино, откако доби дојава од МКС, кој претходно издаде меѓународна потерница за него.
Меѓутоа, италијанската влада неочекувано го ослободи во вторникот поради процедурална грешка, изјави извор од Министерството за внатрешни работи.
Енџем веднаш бил транспортиран со државен авион во Триполи, каде што бил дочекан како херој.
МКС, кој ги истражува наводните тешки злосторства извршени во Либија од граѓанската војна во 2011 година, во соопштение наведе дека побарал од Италија да контактира со нивните служби доколку настанат проблеми во процесот на апсење.
Сепак, Судот истакнува дека Енџем бил ослободен без претходно известување или консултации.
„Судот бара, а сè уште не добил, верификација од италијанските власти за преземените чекори“, се наведува во соопштението.
Засега нема коментар ниту од кабинетот на премиерката Џорџа Мелони, ниту од Министерството за правда. ссм/
фото: архива