• сабота, 21 февруари 2026

Мицкоски: Со реконструкција на булеварот Теодосија Паунов во Кочани граѓаните ќе добијат модерна сообраќајна артерија

Мицкоски: Со реконструкција на булеварот Теодосија Паунов во Кочани граѓаните ќе добијат модерна сообраќајна артерија

Скопје, 22 јануари 2026 (МИА) - Со инвестиција од 88.874.397 денари, финансирана преку Министерството за транспорт, во општина Кочани ќе се реконструира булеварот Теодосија Паунов. Опфатен е делот од потегот од спојот со улицата Киро Кикенски до спојот со улицата Генерал Апостолски, односно последниот кружен тек. Вкупната должина на булеварот е 2.015 метри.

- Со имплементацијата на овој проект граѓаните на Кочани ќе добијат модерна сообраќајна артерија, која ќе ги зголеми безбедноста и комфорот во сообраќајот, ќе го подигне капацитетот на булеварот и ќе овозможи подобра сообраќајна сигнализација. Пешаците ќе добијат посигурни услови за движење, а деловните и комерцијалните активности ќе бидат поттикнати со новиот урбан изглед. Дополнително, со подобрувањето на инфраструктурата ќе се овозможи повеќе простор за социјални и рекреативни активности, а долгорочната издржливост на булеварот ќе ги намали трошоците за одржување и ќе овозможи средствата на Општината да се насочат кон други јавни потреби. Реконструкцијата ќе придонесе за економски развој на локалната заедница - објави премиерот Христијан Мицкоски на својот „Фејсбук“.

Предвидените активности опфаќаат изградба на тротоари со бекатон-плочки, асфалтирање во два слоја, систем за одводнување и изградба на потпорни ѕидови. Во моментот проектот е во работна фаза, а реализацијата, како што објави премиерот, се одвива во согласност со предвидената динамика. бак/са/

Фото: Фејсбук статус Христијан Мицкоски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан