• среда, 25 март 2026

Мицкоски: Работиме деноноќно, но има поединци што не го даваат својот максимум, ако не се коригираат, ќе бидат сменети

Мицкоски: Работиме деноноќно, но има поединци што не го даваат својот максимум, ако не се коригираат, ќе бидат сменети

Скопје, 25 март 2026 (МИА) - Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, истакна дека Владата во своето работење го дава максимумот иако, како што рече, кај одредени поединци има дилема, ги опоменува и доколку не се коригираат, ќе бидат сменети.

- Ние кажувавме, состојбата е тешка. Ние не сме чудотворци да ветуваме чуда. Тоа јавно на митинзи сум го зборувал. Тој што ви ветува чуда не ја говори вистината, но дека ќе дадеме сè од себе, тоа да бидете сигурни. Јас се будам и заспивам со една мисла, дали даваме сè од себе, дали сите даваат сè од себе. Кај поединци имам дилема, имам задршка. И кај оние што имам дилема и задршка ги опоменувам дека имам чувство оти можат повеќе да дадат - потенцира Мицкоски во интервју за „Заспиј ако можеш“ на ТВ „Алфа“. 

Тој додаде дека оваа генерација нема повеќе простор за реприза и за да се дојде до состојбата на консолидирање, мора офанзивно да се работи и да се испорачува.

- Ние немаме право на реприза. Едноставно, нема повеќе простор. Оваа генерација нема повеќе простор за импровизации и за репризи. Мора офанзивно и мора да се испорачува и мора да се даде повеќе од што можеме за да дојдеме до состојба на консолидирање. Ако е природно да се работи 5 дена во неделата по 8 часа, сега ќе се работи 7 дена во неделата по 12, 13, 14 часа. Тоа е начинот на кој мора да функционира оваа Влада. И тогаш кога народот ќе види дека вие го оставате срцето на терен, тогаш ќе ви прости сè, ќе рече - се трудат, секоја чест. Ако видат дека вие се однесувате надмено, не одговарате на пораки кога ќе ви пратат, колку и тие пораки да ве оптоваруваат, колку и тие пораки за вас да се бесмислени, ако вие не им вратите, не посветите внимание, не се поздравите, не стегнете рака на улица, тоа нема да ви го простат никогаш - нагласи Мицкоски.

Запрашан за тоа дали има задршки за некои конкретни имиња во контекст на најавената реконструкција, Мицкоски потврди посочувајќи дека тоа не се однесува само на Владата, туку и на институциите. 

- Имам, да, точно, и како што кажав, тоа сум го кажувал лично. Не зборувам само во рамките на Владата, туку и во рамките на институциите што се дел од Владата затоа што мислам дека поединци не се вложуваат доволно или се однесуваат несоодветно кон она што треба да го прават - рече премиерот Мицкоски. ев/паг/

ФОТО: МИА Архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан