Мицкоски: Напредуваат проектите во Железницата, очекувам годинава да биде објавен тендерот за Делница 3
- Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања истакна дека напредуваат проектите во Железницата и оти очекува оваа година да биде објавен тендерот за изработка на Делница 3.
Кочани, 2 јануари 2026 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања истакна дека напредуваат проектите во Железницата и оти очекува оваа година да биде објавен тендерот за изработка на Делница 3.
- Задоволен сум како напредуваат проектите во Железницата, оној застој што беше со Делницата 3 од Коридорот 8 и пругата што ги поврзува Куманово со Крива Паланка и граничниот премин со нашиот источен сосед Бугарија и оние првични неусогласености се надмина. Потпишавме договор со нашиот источен сосед, Брисел излезе со поддршка во делот на изградбата на тунелот којшто треба да ги поврзува двете пруги односно пругата од кај нашиот источен сосед и нашата пруга, истакна Мицкоски при посетата на Кочани.
Тој изрази очекување дека оваа година ќе биде објавен тендерот за изработка на Делница 3 и оти тоа е проект којшто се движи.
- Бидејќи првата е од Куманово до Бељаковце, таа ја пуштивме, втората која се работи од Бељаковце и Крива Паланка и третата е од Крива Паланка до влезот на тој тунел. Тоа е проект што го движиме, на мојот последен состанок во Брисел, на тој работен дел, но и на формалниот дел, побарав средства со коишто ќе се модернизира пругата која исто е дел од Коридорот 8 што го поврзува Скопје-Кичево во делот на промена на шини и во делот на електрификација, рече Мицкоски.
Потсети дека се развива и проектот за брзата пруга од Коридорот 10, којашто треба да ги поврзе Табановце и Богородица.
Таму патничките возови ќе сообраќаат со брзина до 200 километри на час, а товарните возови со 120 километри на час. Ќе биде на два колосека, таа е дел од проектот со Обединетото Кралство. Се разработуваат физибилити студиите и студијата за социо-економско влијание на средината, би рекол и влијание врз еколошките параметри. Очекувам тоа да биде завршено до крајот на летото и веќе од есен да почнеме полека но сигурно да зборуваме за камен-темелник, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во меѓувреме се бира финансиер. - Имаме една понуда која е необврзувачка, која е апроксимативна, допрва ќе почнеме во преговори за деталите, но потребни ни се параметрите од овие физибилити студии за кои претходно зборував. Очекувам и овој проект да се придвижи, потенцира Мицкоски.
Премиерот потсети и дека напредува т.н. Градски воз, проект вреден шест милиони евра, околу 360 милиони денари, во првата фаза, со кој од источното крило на главниот град со електричен воз ќе се стигнува до центарот на градот. Тој исто така спомена и за потпишувањето на договорот за набавка на пет електрични локомотиви во вредност од 25 милиони евра. нд/паг/