• четврток, 26 декември 2024

Мисијата на ОБСЕ донира возила за МВР

Мисијата на ОБСЕ донира возила за МВР

Скопје, 12 септември 2023 (МИА) -  Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, денеска присуствуваа на предавањето на возила донирани од ОБСЕ за потребите на МВР.

Донацијата е реализирана во рамки на проектот „Помош на националните власти на Република Северна Македонија во намалување на ризикот од пролиферација на оружје и злоупотреба на мало и лесно оружје“ (МЛО), соопшти МВР.

Како што изјави министерот Спасовски, целта на овој проект е да се обезбеди поддршка на институциите за спроведување на законот во развивање на деполитизирани, професионални капацитети, со способност за справување со транснационални закани и организиран криминал, во согласност со меѓународните демократски начела и стандарди за човекови права.

-Ризикот од пролиферација на оружјето во современиот свет, каде што организираниот криминал ги има надминато националните граници, преставува еден од најголемите безбедносни предизвици, не само за нашата држава на локално ниво, туку овој проблем преставува сериозен глобален предизвик во напорите за зачувување и зголемување на светската безбедност. Токму затоа, денешната донација на возила во вредност од 50 илјади евра, наменети за Секторот за оружје, е само уште еден сегмент од овој значаен проект за нас, рече Спасовски. Тој се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за денешната донација и за досегашната успешна соработка и партнерство во градењето на капацитетите на Министерството за внатрешни работи во борбата против злоупотребата и недозволената трговија на мало и лесно оружје.

Спасовски потенцираше дека сето тоа  ќе биде од огромна важност за функционирањето и подобрувањето на условите и капацитетите, како и  зацврстување на системот на безбедност на национално ниво, справувајќи се со ризиците од пролиферација на оружјето, посебно преку воспоставување на одржливи механизми за уништување и деактивирање на малото и лесно оружје
 
-Како дел од конкретната посветеност на ОБСЕ за поддршка на земјата во овој потфат, со задоволство ги предавам овие возила. Потребите од покомплексни теренски инспекции на објектите за деактивирање, како и проверката на деактивираното огнено оружје низ целата земја, налагаат соодветни алатки за работата. Со нетрпение очекувам да ги видам овие возила во акција додека се стремиме да воспоставиме одржливи механизми за уништување и деактивирање на МЛО во Северна Македонија и да ја направиме побезбедно место за сите граѓани, истакна амбасадорот Килиан Вал. љм/са/

Фото: МВР

 

...

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан