Мирен и масовен првомајски протест во Атина (Фото)
- Под слоганите „Први мај не е неработен ден, први мај е штрајк“, „Поголеми работнички права“; „Бесплатно здравство за сите“; „Битките од минатото ги водат идните битки“; „Борбите на работниците пишуваат историја“, но и антивладини пораки, во Атина се одржа традиционалниот протест за одбележување на Денот на трудот, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 1 мај 2026 (МИА) – Под слоганите „Први мај не е неработен ден, први мај е штрајк“, „Поголеми работнички права“; „Бесплатно здравство за сите“; „Битките од минатото ги водат идните битки“; „Борбите на работниците пишуваат историја“, но и антивладини пораки, во Атина се одржа традиционалниот протест за одбележување на Денот на трудот, јави дописничката на МИА од Атина.

Протестите беа во рамките на 24-часовниот штрајк организиран од синдикатите на вработените во јавниот и приватниот сектор.

Во центарот на Атина се одржаа два посебни протести, едниот организирано од синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор, другиот од синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција.

Демонстрациите завршија мирно и без инциденти, а и покрај продолжениот викенд, ниските температури во Атина несвојствени за овој период од годината, но и штрајкот на метрото, сепак протестот беше масовен, со учество на низа здруженија и организации, како и дел од левичарските политички партии.

Преку штрајкот и протестите, синдикатите, но и граѓаните бараат поголеми права за работниците, повисоки плати, праведен даночен систем, враќање на 13 и 14 плата итн.

Од протестот не изостанаа ниту палестинските знамиња и слоганите за поддршка на палестинскиот народ и „Слобода за Палестина“, но и пораки Грција да не се вклучи во никаква војна.

Грција денеска е без бродски и железнички сообраќај, а проблеми има и во јавниот превоз, со оглед на тоа што во Атина, метрото и трамвајот започнаа 24 часовен штрајк, автобусите и тролејбусите ќе сообраќаат од 9 до 21 часот, додека пак во Солун ќе сообраќаат само 50 автобуси.

Протести за Денот на трудот се одржаа и во други грчки градови. ср/јт/
Фото: МИА