• вторник, 31 март 2026
МИА Општински пул

31 март 2026 

Гевгелија - Кожните алергии на откриените делови од телото во пролетниот период најчесто се предизвикани од контакт со растенија и полени, но и поради зголеменото сончево зрачење, потење и температурните промени. Освен респираторните алергии, со почетокот на пролетта и промените на кожата се чест придружен елемент за кој исто така е потребна соодветна грижа - сметаат лекарите.

Софија Гугова-Пеева, специјалист дерматовенеролог во ЈЗУ Општа болница со проширена дејност - Гевгелија, вели дека најчесто во ординациите се јавуваат пациенти поради дерматити настанати во контакт со надворешните фактори.

- Најчесто ни доаѓаат пациенти поради контактни дерматити од растенија и полени, кои се јавуваат на рацете, нозете, лицето и вратот. Посериозна е алергијата на истите алергени, која се манифестира системски како уртикарија или копривна треска, при вдишување од тие полени, а се манифестира со појава на уртики или пликови на телото. Присутна појава е и соларен дерматитис, кој е реакција на сонце или на УВ-зраците, и се манифестира на отворените делови на телото како јадеж и црвенило, понекогаш и со отоци, жарење и печење. Во пролетниот период се влошуваат и другите дерматози, како акните, себороичниот дерматит, розацеата, атопискиот дерматит и други - посочува д-р Гугова-Пеева.

Скопје - Општина Центар објави Јавен повик за реализација на предучилишен музички настан - детски фестивал „Детелинка“, соопштија утрово од локалната самоуправа.

- Ова е прв ваков фестивал, што има за цел да поттикне љубов кон музиката кај најмладите во градинките, да открие нови афинитети и таленти и да ја афирмира креативноста на воспитниот и стручниот кадар, преку јавна промоција на автентични детски песни, создадени од вработените во установите, се наведува во пишаната изјава на градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.

Како што појаснија од локалната самоуправа, избраниот организатор треба да обезбеди целосна реализација на настанот, вклучително јасно дефинирана агенда и сценарио, програма со оригинални детски песни креирани од воспитно-стручниот кадар на јавните предучилишни установи, музичка и сценска поддршка за нивна изведба, ангажман на водител со искуство во културни и детски настани, логистичка поддршка за учесниците, придружни активности за децата, како и промотивни материјали за јавна видливост на настанот.

Остани поврзан