МИА Општински пул
- 24 декември 2025
24 декември 2025
Куманово - Во кумановската болница на детското одделение хоспитализирани се 35 дечиња, информираа денеска педијатрите од установата. Поголем дел се со температура, грип, компликации од респираторни вирози, бронхит и бронхопневмонии.
- Најмалото пациентче е доенче, три недели, две деца сè со потешка клиничка слика, едното е на кислородна терапија, другите се стабилни и се надевам дека пред празниците ќе си бидат во домовите, изјави началничката на одделението, д-р Маргица Арсовска.
Во дневната болница се лекуваат 80 деца со полесна клиничка слика.
- Тука се и сограѓаните кои празниците ги поминуваат дома, а се на привремена работа во странство. Зголемен е обемот на работа особено во ноќните часови. Обично а се жалат и на стомачен вирус, температура, изјави д-р Арсовска.
Кочани – Поради дефект на главниот 110 киловолтен далновод, делови од Кочани и понатаму се без електрична енергија.
КЈП „Водовод“ – Кочани ги известува корисниците дека поради прекините со напојувањето на електрична енергија на подрачјето на Кочани, можни се и прекини во водоснабдувањето.
Надлежните информираат дека се работи на брзо ставање во функција на системот.
Куманово - Дедо Мраз денеска ги посети дечињата на Детското одделение во кумановската Општа болница. Најмалите добија пакетчиња. Новогодишната програма на Општина Куманово и оваа година е насочена кон поддршка на најранливите категории граѓани, со акцент на децата, лицата без родителска грижа и лицата со попреченост. Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, информираше дека активностите започнале со посета на Детското одделение во Општата болница Куманово, каде во моментов се хоспитализирани околу 35 деца.
Заедно со Дедо Мраз, советници и претставници од секторите за труд и социјална политика, образование и здравство, ги посетивме дечињата на Детското одделение. Им посакавме побрзо оздравување и искрено се надеваме дека Новата година нема да ја дочекаат во болница. Денеска продолжуваме со поделба на пакетчиња за децата без родители, а утре ќе ги посетиме децата од Здружението на глуви и наглуви. Станува збор за ранливи категории за кои Советот и Општината традиционално се грижат, изјави Ѓорѓиевска. Таа посочи дека Советот веќе ги има дефинирано категориите кои секоја година добиваат поддршка, нагласувајќи дека социјалните политики нема да бидат прекинати ниту во 2026 година.
Делчево - Во Општина Делчево се спроведе едукативна новогодишна активност „Пораки за безбедно учество во сообраќајот“, како прв дел од кампањата „Празниците се најубави кога сите сме безбедни“. Настанот беше наменет за учениците и опфати околу 150 деца од двете основни училишта во градот.
Учениците од основните училишта „Св. Климент Охридски“ и „Ванчо Прке“ добија пораки за безбедност во сообраќајот како што се: „Погледни лево – погледни десно“, „Премини внимателно и по најкраток пат“ и „Биди видлив учесник во сообраќајот“. Преку одговарање на прашања за сообраќајната безбедност, децата добија специјални новогодишни пакетчиња со светлечки подарок, донација од станицата за технички преглед „Автовозач – фер“.
Активноста, како што информираа од Општина Делчево, се одржа во рамки на новогодишната програма „Новогодишна приказна Делчево 2025–2026“ и има за цел да ги поттикне најмладите на одговорно и безбедно однесување во сообраќајот, особено во периодот на празниците кога се очекува зголемен сообраќај.
Гостивар – Невзат Бејта, кандидатот за градоначалник на Гостивар на повторените избори на прес-конференција ја обвини претходната локална власт дека направила злоупотреби при јавни набавки чија вредност е повеќе милиони денари.
- Денес сме тука за отворено да зборуваме за злоупотребите и лошото владеење на Арбен Таравари, кој со години се обидуваше да ги скрие зад пропагандата и лажниот имиџ на „успешен менаџер“, рече Бејта.
Тој во обраќањето пред новинарите потенцира дека Гостивар не бил управуван во интерес на граѓаните, туку во интерес на тесниот круг на Таравари. Бејта покажа договори со кои, како што тврди, локалната власт склучила јавни набавки со фирма која ги пополнувала апликациите за проекти и уредувањето на салата на Советот на општината. Според него трошоците се неколукратно поголеми, откоклу нивната реална вредност.
Виница - Општината започна со чистење на одводните канали покрај локалниот патот Блатец-- Скараница со цел заштита од поткопување на на оваа делница. Истовремено ова значи и заштита од поплавување и замрзнување во зимскиот период, информира градоначалникот на Виница, Митко Костадиновски.
Општината со соопштение апелира на внимателност на сите учесници во сообраќајот додека се извршуваат работите на терен.