МИА Општински пул
- 18 март 2026
18 март 2026
Битола - Општинската организација на Црвен крст Битола во соработка со Муфтиство на ИВЗ - Битола и муфтијата Хаџи Ефенди Амид Расими, по повод верскиот празник Рамазан Бајрам и 17 март - Ден на основање на Црвениот крст на РСМ, додели донација хуманитарна помош која ќе биде поделена на социјално-загрозени семејства од исламска вероисповед.
Општинската организација на Црвен крст Битола, по повод Денот на основањето на Црвениот крст, во соработка со Службата за трансфузиона медицина организираше и крводарителска акција, на која беше соопштено дека во 2025 година на подрачјето на Општина Битола е надминат годишниот план од 2.854 крвни единици со над 150 проценти.
Охрид – Нивото на водата во Охридското Езеро денеска се наоѓа на котата 693,67 метри надморска височина или 18 сантиметри над просекот за март.
Водостојот на езерото е драстично подобар споредбено со минатата година, кога во март нивото на водата во езерото беше повеќе од 30 сантиметри под месечниот просек или неколку сантиметри над дозволениот минимум.
Температурата на водата во езерото изнесува седум степени Целзиусови или половина степен пониска од мартовскиот просек (7,6).
Добрата „кондиција“ во која се наоѓа езерото кога станува збор за водостојот се должи на продолжениот период со интензивни врнежи што го зафатија регионот.
Охрид - Во организација на Здружението на даватели на комунални услуги денеска во Охрид ќе се одржи настанот „Денови на АДКОМ – Денови на комунални услуги“.
Како што информираат од Здружението, настанот ги обединува претставниците на институциите, јавните комунални претпријатија, локалната самоуправа и меѓународни експерти, со цел отворање на клучни прашања и предизвици во комуналниот сектор.
Во рамки на настанот ќе се одржат две панел-сесии. На првиот панел на тема „Кластеризација на секторот за водни услуги – придобивки и предизвици“ ќе се дискутира за можностите за реорганизација на водниот сектор, подобрување на инфраструктурата и координацијата на институциите, а на втората панел-сесија на тема „Дефицит на млади кадри во комуналниот сектор и позицијата на младите“, фокусот ќе биде ставен на предизвиците со недостиг на млади кадри, образованието и можностите за задржување на работната сила.
Виница - Во кино салата на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница вечерва ќе се одржи проекцијата на филмот „Уште една игра“ (One More Game) на режисерот Ник Јансен.
Филмот ја следи приказната за Мартин, 16-годишник од Чучер-Сандево, кој сонува да стане професионален гејмер. Неговата страст за е-спортот го носи пред серија предизвици и избори – помеѓу соништата, пријателството и очекувањата на околината
Музика за филмот ја има напишано Кирил Џајковски. Настапуваат Тони Михајловски, Гоце Андонов, Zephaniah Terry, Жаклина Стефковска, Александра Пашевска, Марија Јанчевска, Марјан Наумов , Далиа Стоименова, Јасмина Василева, Ведран Чешарек и Петар Манич.
Скопје - Чаир се подготвува за Рамазан Бајрам. Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, вечерва беше присутен на почетокот на интензивната акција за чистење на јавните површини, која се реализира во рамки на подготовките за празникот Рамазан Бајрам, информира Општина Чаир во соопштение што МИА го пренесува интегрално.
Општина Чаир секојдневно се ангажира за одржување и чистота на јавните површини, додека вечерва овој ангажман дополнително се интензивира. Започна целосно чистење на улиците, парковите, тротоарите и зоните околу контејнерите, со цел секој дел од Чаир да го одразува достоинството на овој празник.
„Рамазан Бајрам е празник кој нè обединува и нè потсетува на најдобрите вредности како општество. Наша одговорност е граѓаните да го дочекаат овој ден во чиста, уредена и достоинствена средина,“ истакна градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.