МИА Општински пул
- 26 декември 2025
26 декември 2025
Крива Паланка - Традиционално, во пресрет на новата година, градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, заедно со претседателот на Советот на општината, Миле Трајковски, им поделија новогодишни пакетчиња на најмладите жители, дечињата од детската градинка „Детелинка“.
-Заедно со Дедо Мраз и маскоти со омилените ликови од цртаните филмови, градоначалникот Митовски и неговиот тим ги посетија објектите на детската градинка и ги израдуваа со пакетчиња од општината. Детските насмевки и искрената радост ја направија празничната атмосфера уште потопла, потсетувајќи нè дека децата се најубавиот симбол на надеж и среќа, посочуваат од службата за комуникација со јавноста на Општина Крива Паланка, од каде нагласија дека во просториите на општината се организираше и делење пакетчиња за децата на вработените во општинската администрација.
Митовски на својата Фејсбук страница напиша „Радост, насмевки и детска смеа го обоија денешниот ден. Со право можеме да кажеме дека ова беше еден од најубавите и највеселите денови во нашата општина. Прекрасно е чувството кога просториите се исполнети со детски џагор, искрени насмевки и безгрижна енергија. Детската радост и искреност нè потсетија колку се важни ваквите моменти на заедништво, топлина и внимание кон најмладите.Овие насмевки се најубавата потврда дека општината е дом за сите и големи и мали“.
Струмица - Народниот театар „Антон Панов“ Струмица, утревечер ќе ja изведе премиерата на претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски.
Како што соопштија од Тетарот, со оваа премиера струмичкиот театарски ансамбал се навраќа кон сопствените историски почетоци. Имено, токму со „Бегалка“, во режија на Димитар Колчаков, на 1 мај 1949 година, официјално е отворен Струмичкиот театар.
-Новата сценска поставка претставува симболично продолжување на таа театарска традиција и значаен културен настан за градот и пошироката јавност. Претставата е дел од редовната продукција на НТ „Антон Панов“ и предизвика исклучителен интерес кај публиката. Претпремиерата на 26.12.2025 (петок), како и премиерата на 27.12.2025 (сабота), се целосно распродадени, се наведува во соопштението на Струмичкиот театар.
„Бегалка“ е едно од најзначајните дела на македонската драмска литература, кое преку силни карактери и длабоки општествени конфликти ги отвора прашањата за традицијата, слободата на избор и положбата на поединецот во заедница – теми со трајна и современа релевантност.
Новаци - Советот на Општина Новаци го донесе Буџетот за 2026 година со вкупен износ од 230,9 милиони денари или 3,7 милиони евра. Од Општината информираат дека буџетот претставува реална и развојна рамка насочена кон подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.
-Со овој развоен буџет се планираат значајни вложувања во економскиот развој, инфраструктурата, заштитата на животната средина, младите, спортот, како и во сите сфери на општествено, економското и социјално живеење во Општина Новаци. Покрај големите капитални проекти кои се планирани за следната година како директна помош во вид на разни видови субвенции насочени кон нашите жители ја акцентираме одлуката донесена за прв пат со која на секој ученик во основно образование ќе му доделиме ваучер од 6.000 денари со почетокот на новата учебна година, повторно ќе објавиме јавен повик за финансиска поддршка на младите лица до 26 години за добивање на возачка дозвола – Б категорија, како и субвенции за набавка на климатизери, посочија од тамошната локална самоуправа.
Крива Паланка - Зајакнување на улогата на францускиот јазик во стручното образование, унапредување на обуката и поддршка на вработливоста на младите од Балканот преку прилагодено познавање на францускиот јазик, се дел од целите на регионалниот проект за заживување на наставата по француски јазик во средните училишта што почна да се имплементира во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка.
-Акцентот е ставен на зајакнување на улогата на францускиот јазик во стручното образование, како и на обука и поддршка на вработливоста на младите на Балканот преку прилагодено познавање на францускиот јазик. Во рамки на проектот се опфатени 25 ученици од економско-правната струка кои преку интерактивни симулациски активности со улоги соодветни на струката, како„продавач – купувач“, учат да ги усовршуваат економските вештини, но и францускиот јазик со креативни фрази и практична комуникација, што им помага да го користат јазикот самоуверено и природно, информира директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, Елена Ѓоргиевска.
Регионалниот проект е поддржан од француското Министерство за Европа и надворешни работи, Амбасадата на Франција во државата, Француски институт и македонското Министерство за образование и наука.
Ѓоргиевска посочи дека учениците пројавиле голем интерес за изучување не само на францускиот јазик, туку и на француската култура, низ современи, креативни и мотивирачки активности.
Скопје - Општина Аеродром изрече забрана за работа на два угостителски објекта. Инспекциските служби, како што посочуваат од општината, по пријави од граѓаните, излегоа на терен и извршија инспекциски надзори при што констатираа дека локалите не се придржувале до законските прописи, па затоа е донесена оваа санкција.
-Доколку не ги почитуваат законите и прописите за работа, ќе следуваат и кривични пријави. Инспекциските служби продолжуваат со интензивни контроли на угостителските и туристички објекти, особено во вечерните и ноќните часови, информираат од локалната самоуправа.
Потсетуваат дека граѓаните доколку забележат неправилности во работењето на угостителските објекти, можат веднаш да пријават на: inspekcija@aerodrom.gov.mk .