Меѓународни здруженија: Новинарите во Србија работат во атмосфера на сериозно заплашување и насилство

Белград, 31 јануари 2025 (МИА) - Меѓународната федерација на новинари (ИФЈ) и Европската федерација на новинари (ЕФЈ) денеска предупредија дека новинарите во Србија работат во атмосфера на заплашување и насилство и укажаа на отпуштањата на новинарите кои учествуваа во демонстрациите како граѓани.
„Ние стоиме со новинарите во Србија кои ја вршат својата работа во атмосфера на сериозно заплашување и насилство. Ги повикуваме српските власти да го истражат секој случај на напад врз нашите колеги. Слободата на медиумите е од суштинско значење во демократијата и јавноста правото да се знае мора да биде заштитено со сите можни средства, со цврсти гаранции за слободата на печатот“, изјавија двете меѓународни асоцијации.
Во заедничкото соопштение, објавено на веб-страницата на Европската федерација на новинари, се наведува дека неколку новинари се отпуштени и дека се забележани бројни напади врз медиумски професионалци по избувнувањето на масовните протести по уривањето на бетонска настрешница на реновираната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.
Се додава дека 15 лица загинале во уривањето на настрешницата и дека „катастрофата е поврзана со владината корупција, небрежност и лоши градежни стандарди“.
„Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари им се придружуваат на нивните филијали, Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), Здружението на новинари на Србија (УНС) и Синдикатот на новинари и медиумски работници на Србија (СИНОС) , во осуда на нападите и повикување на правда и одговорност“, пишува во заедничката изјава. зш/