Мерц се заложи за подлабока интеграција на кандидатите пред полноправното членство во ЕУ
- -Верувам дека треба да ја надминеме строгата разлика помеѓу тоа да бидеме целосно надвор или целосно внатре во ЕУ и да создадеме нешто што го отвора патот кон полноправно членство, рече Мерц на состанокот во Берлин организиран од фондацијата “Корбер“ (Körber).

Берлин, 24 јануари 2025 (МИА) - Лидерот на германската Христијанско-демократска унија и фаворит за иден германски канцелар, Фридрих Мерц, денеска изјави дека процесот на проширување на Европската унија ќе потрае и оти дотогаш треба да се утврди дека земјите-кандидатки ќе бидат повеќе вклучени во структурите на ЕУ и механизмите за одлучување и без полноправно членство.
-Верувам дека треба да ја надминеме строгата разлика помеѓу тоа да бидеме целосно надвор или целосно внатре во ЕУ и да создадеме нешто што го отвора патот кон полноправно членство, рече Мерц на состанокот во Берлин организиран од фондацијата “Корбер“ (Körber).
Во својот говор за германската надворешна и европска политика Мерц не го спомна проширувањето на ЕУ, но на прашањето каков е неговиот став по ова прашање, тој рече дека нема „дефинитивен“ одговор, но дека некако мора да се воспостават институционални врски меѓу кандидати за членство и ЕУ.
-Не можам да ви дадам дефинитивен одговор на ова прашање. Само барам начини да создадам можности за подлабока интеграција на европските и соседните земји во структурите и механизмите за одлучување на ЕУ, рече Мерц, споменувајќи дека разговарал тоа со францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој посочи дека таквиот модел не смее да остави впечаток на второкласно членство.
-Таков впечаток не смее да се создава. Овие земји не се членки од втор ред. Тие можат да бидат учесници во некој процес или да изберат да останат на одредено ниво подолг период. Но, ние мора да воспоставиме институционални врски со ЕУ во некоја форма, рече Мерц.
Осврнувајќи се на Европската асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) и договорот на нејзините членки со ЕУ што ја создаде Европската економска област (ЕЕА), Мерц рече дека, на пример, Унијата може да им дозволи на кандидатите да учествуваат во делови од европскиот единствен пазар.
Мерц ја наведе Швајцарија како пример за земја која е дел од Шенген зоната и сака да потпише договори кои ќе ја продлабочат и прошират соработката со ЕУ.
-Овој пристап треба да се примени и за другите земји, не само за земјите од Западен Балкан, рече Мерц, додавајќи дека добил впечаток дека Британците се многу заинтересирани за постепено повторно воспоставување на соработката со ЕУ.
Мерц додаде дека и Турција треба да биде стратешки важна земја.
„Што се однесува до Турција, верувам дека нејзиното членство во ЕУ нема да биде на маса долго време. Но, оваа остра разлика помеѓу тоа да се биде целосно надвор или целосно внатре ги блокира сите можности за посилна соработка со оваа земја. Сè уште немам конечна одговори на овие прашања, но јас сум под одредено влијание од структурите на ЕЕА и ЕФТА што ги имавме, рече Мерц во говорот на собирот „Дијалог на глобалните лидери“, кој беше објавен на веб-страницата на фондацијата Корбер. сд/
фото:МИА архива