Мерц го критикува Трамп поради изјавата дека НАТО не направил многу во Авганистан
- Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска го нападна американскиот претседател Доналд Трамп поради неговите неодамнешни контроверзни изјави со кои се омаловажува улогата на трупите на НАТО во Авганистан, јави ДПА.
Берлин, 29 јануари 2026 (МИА) – Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска го нападна американскиот претседател Доналд Трамп поради неговите неодамнешни контроверзни изјави со кои се омаловажува улогата на трупите на НАТО во Авганистан, јави ДПА.
- Нема да дозволиме оваа мисија, која исто така ја спроведовме во интерес на нашиот сојузник, Соединетите Американски Држави, денес да биде омаловажувана и потценувана, рече Мерц за време на говорот пред пратениците.
Минатата недела, Трамп тврдеше дека на Соединетите Американски Држави никогаш не им „требала“ поддршката од НАТО за време на инвазијата на Авганистан во 2001 година против Талибанците како одговор на нападите од 11 септември.
Во интервју за Фокс Њуз, Трамп сугерираше дека неколку други земји на НАТО испратиле војници во Авганистан, но „тие останаа малку поназад, малку подалеку од првите линии на фронтот“.
Мерц ги истакна 59-те германски војници кои загинаа во Авганистан, како и повеќе од 100 кои беа тешко повредени за време на мисијата.
- Повеќе би сакал да им порачам на нашите војници на терен и во нивните бази: вашата служба беше и продолжува да биде вредна, рече Мерц. „Таа се залага за нашата слобода и за мирот во светот“, додаде тој.
Воспоставените сојузи не треба лесно да се ставаат во опасност, рече германскиот канцелар.
- Трансатлантскиот сојуз и трансатлантската доверба се сè уште вредни сами по себе денес – особено за нас во Германија, нагласи Мерц.
Преку учеството во мисијата на НАТО „Трајна слобода“ (Enduring Freedom), почната како одговор на нападите од 11 септември, и Германија донесе „многу години поголема стабилност и безбедност“ во Авганистан, рече Мерц. јт/ми/
Фото: ДПА