• сабота, 22 февруари 2025

Мелони: Италијанската Влада е на вистинскиот пат во борбата против мафијата

Мелони: Италијанската Влада е на вистинскиот пат во борбата против мафијата

Рим, 11 февруари 2025 (МИА) - Италијанската Влада е на вистинскиот пат во борбата против мафијата, истакна премиерката Џорџа Мелони, цитирана од италијанската новинска агенција АНСА.

Ставот на Мелони следи откако италијанскиот дневен весник „Република“ објави прислушувани разговори меѓу мафијашки босови кои се жалат дека кабинетот во Рим не ги ублажил мерките меѓу кои доживотна казна затвор без право за нејзино намалување, како и најстрогиот затворски режим резервиран за опасни и високи криминалци, кој предвидува речиси целосна изолација.

„Ги прочитав објавените разговори во кои некои босови ме напаѓаат мене и италијанската Влада дека не го олеснуваме строгиот затворски режим за членовите на мафијата. Ова е уште една потврда дека сме на вистинскиот пат. Нашата посветеност на борбата против мафијата е неотповиклива“, напиша премиерката Мелони на социјалната мрежа Фејсбук.

Според неа, строгиот затворски режим и доживотниот затвор без право на негово намалување остануваат камен-темелници во борбата против мафијата.

„Нема да има повлекување се додека ние владееме во Италија“, нагласи Мелони.

Двата затворски режими беа воведени во раните 1990-ти за борба против организираниот криминал во услови на бран мафијашки напади и бомбашки напади. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан