• петок, 05 декември 2025

Медиуми: Откажан состанокот меѓу Зеленски и американската делегација

Медиуми: Откажан состанокот меѓу Зеленски и американската делегација

Брисел, 3 декември 2025 (МИА) – Планираниот состанок во Брисел меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американската делегација, во која се специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер, е откажан.

Повикувајќи се на свои извори, Киев Пост пишува дека „состанокот во Брисел е откажан“ и оти Зеленски се враќа во Украина.

Според Киев Пост, Кремљ тврдел дека Виткоф и Кушнер „ветиле“ дека ќе летаат директно за Вашингтон по разговорите со рускиот лидер Владимир Путин во Москва, изјава која не е потврдена од американската страна.

Причината за откажувањето сè уште не е објавена.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм напиша дека секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана, Рустем Умеров, го информирал за подготовките за денешните состаноци во Брисел со советниците за национална безбедност од европските земји.

На Умеров ќе му се придружи и началникот на Генералштабот на Украина, Андриј Хнатов.

- Украинските претставници ќе ги информираат своите европски колеги за она што е познато по вчерашните контакти на САД во Москва, а исто така ќе разговараат за европската компонента на неопходната безбедносна архитектура, рече Зеленски.

Тој додаде дека по Брисел, Умеров и Хнатов ќе се подготват за средба со претставници на претседателот Доналд Трамп во САД.

„Како и секогаш, Украина ќе работи конструктивно за вистински мир. Со нетрпение го очекувам новиот извештај за резултатите од денешните состаноци во Европа“, наведе Зеленски. јт/сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан