• четврток, 04 декември 2025

Македонците од Мала Преспа во Канада ги продолжуваат традициите, го одбележаа Св. Архангел Михаил, заштитникот на Малопреспанци

Македонците од Мала Преспа во Канада ги продолжуваат традициите, го одбележаа Св. Архангел Михаил, заштитникот на Малопреспанци

Дебар, 24 ноември 2025 (МИА) - Македонското друштво „Мала Преспа“ во Канада, го одржа својот традиционален годишен банкет во чест на Свети Архангел Михаил, заштитникот на Македонците од Преспа.

Настанот се одржа во Мисисага и собра голем број македонски семејства, гости и пријатели од пошироката област на Торонто и од САД.

-Друштвото „Мала Преспа“ претставува едно од најзначајните и најактивни македонски друштва во Канада, обединувајќи членови од различни генерации кои заеднички работат на зачувување на македонската традиција, јазик и културен идентитет, како и на реализирање хуманитарни и заеднички иницијативи, објави весникот „Македониум“.

Името го носи од историската област Мала Преспа покрај југозападниот брег на Преспанското Езеро, составена од девет села обединети во една општина, со Пустец како најголема населба и административен центар.

На свеченоста присуствуваа претставници на македонски православни цркви, културни и други организации, како и бројни поддржувачи и пријатели кои го негуваат духот на македонското единство.

"Особено впечатлив дел од програмата беше настапот на фолклорниот ансамбл „Илинден“ од црквата „Свети Илија“ во Мисисага. Малата, преодната и големата група приредија извонредна изведба на традиционални ора, покажувајќи дека македонската песна и игра живеат и меѓу младите генерации во дијаспората, наведува весникот.

Забавата продолжи со музичка програма на Balkan Entertainment и пејачот Менде Куновски, како и со настап на младиот гајдаџија Андреј Димитриоски, кој со својота изведба привлече големо внимание и аплауз од публиката.

Настанот бил збогатен со богата лотарија и дружење до доцна во ноќта, во духот на македонската традиција, заедништво и радост. 

"Овој банкет уште еднаш покажа дека Македонците од Мала Преспа, и покрај далечината од родниот крај, силно го чуваат својот идентитет и остануваат поврзани со своите корени, вера и љубов кон родното место, констатира весникот „Македониум“. вт/вј/

Фото: Весник „Македониум“

 

Остани поврзан