• петок, 05 декември 2025

Македонскиот КИЦ во Софија учесник на 10. издание на „Европска поезија во метрото“

Македонскиот КИЦ во Софија учесник на 10. издание на „Европска поезија во метрото“

Скопје, 19 ноември 2025 (МИА) - Со крената глава и со срце што пулсира во ритамот на вековното македонско слово, Македонскиот културно-информативен центар во Софија годинава повторно е дел од европската поетска сцена на 10-то јубилејно издание на проектот „Европска поезија во вагоните и станиците на Софиското метро“, кое се реализира од 18 ноември до 15 декември 2025 година, велат од КИЦ во Софија.

Овој проект, инициран од Полскиот институт во Софија и поддржан од културните центри на ЕУНИК, странските амбасади, Општина Софија и националните медиуми, се нагласува, ги спојува европските литературни традиции во едно живо ткаење.

-И таму, меѓу сите тие гласови, Македонија стои исправена, препознаена, чуена, со својот јазик како штит, како дар, како белег на постоењето. Годинава нашата земја на предлог на Македонскиот културно-информативен центар во Софија е претставена со моќната кратка песна „Јазикот“ од Михајло Свидерски, дело што говори со таа непокорна и тивка сила што само малите, но горди народи умеат да ја носат. И токму тие стихови, гордо и јасно го одекнаа македонскиот јазик, јазикот што носи корен, историја, болка, љубов и непокор. Меѓу големите европски имиња – Хесе, Киплинг, Милош, Вретакос, Гимараеш, Стенеску, Метелус, стои и Михајло Свидерски, рамноправен, гласен, своеобразен. И така, во мозаикот на европските поетски традиции, македонскиот глас не се губи, напротив, се издига. Се издвојува. Се памети, информираат од КИЦ од Софија.

Присуството на македонската поезија во ова јубилејно издание, според нив, е потврда, дека сме горд народ, дека сме народ што ја носи поезијата како доказ за своето постоење, дека сме јазик што не може да биде прегазен, ниту заборавен.

-Низ Софиското метро овие недели патува не само европска поезија, патува македонска сила. Патува збор што го чува нашиот идентитет. Патува јазикот што нè одржал. И секој патник што ќе го прочита стихот на Свидерски, во тој миг, дури и за миг, ќе ја допре Македонија, се вели во соопштението.

Според КИЦ од Софија, „ова е момент на гордост, момент на видливост., момент кога Македонија низ стих станува дел од европскиот ритам, не како ехо, туку како оригинален, чист, силен глас“. сст/вг/

Фото КИЦ од Софија

Остани поврзан