Македонска Каменица воведува селекција на стаклен отпад во угостителските објекти
- Во соработка со Пакомак поставени се специјализирани контејнери за стакло, со цел зголемување на рециклирањето и унапредување на заштитата на животната средина
Македонска Каменица, 6 февруари 2026 (МИА) - Македонска Каменица продолжува со реализација на активности насочени кон заштита на животната средина и унапредување на еколошките стандарди на локално ниво. Во соработка со колективниот постапувач Пакомак, во угостителските објекти и кафе-баровите на територијата на општината се поставени контејнери за селекција на стаклен отпад.
Со воведувањето на оваа мерка како што истакна градоначалничката Соња Стаменкова се создаваат услови за правилно одлагање на стаклото кое секојдневно се создава во угостителскиот сектор.
-Со тоа значително се намалува количината на отпад што завршува на депониите. Воедно, се овозможува поголемо искористување на стаклениот отпад преку негово рециклирање, што претставува важен чекор кон одржливо управување со отпадот, истакна Стаменкова.
Од Јавното претпријатие „Камена Река“ информираат дека активноста е дел од континуираните напори за подобрување на системот за селекција и рециклирање на отпад, како и за подигнување на еколошката свест кај граѓаните и деловните субјекти. Посебен акцент се става на соработката со угостителите, кои имаат значајна улога во процесот на селекција на стаклениот отпад.
Од Општина Македонска Каменица упатуваат благодарност до Пакомак за поддршката и стручната соработка, како и до угостителските објекти за нивната вклученост и одговорен пристап. Надлежните очекуваат дека оваа активност ќе придонесе кон почиста, поуредна и еколошки поодржлива локална заедница, како и ќе биде поттик за реализација на нови еколошки иницијативи во иднина. вс/са/
Фото: МИА