• четврток, 19 март 2026

Делегација од португалскиот Универзитет „Беира интериор“ во дводневна посета на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“

Делегација од португалскиот Универзитет „Беира интериор“ во дводневна посета на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“

Штип, 26 февруари 2026 (МИА) -Делегација од Универзитетот „Беира интериор“ (UBI) – Португалија престојуваше во дводневна институционална посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, со цел унапредување на меѓууниверзитетската соработка и отворање нови можности за заеднички академски и истражувачки иницијативи, информираат од Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип. 

Во состав на португалската делегација беа Жоао Леитао, проректор за финансии, административна модернизација и интеракција со заедницата,  Бруно Фереира Коста, проректор за интернационализација и институционална комуникација, и д-р Дина Переира, менаџер на UBIMedical.

-Делегацијата најпрвин имаше средба со раководството на УГД, а потоа и со сите декани на факултетите при Универзитетот. За време на средбите со раководството и претставници на факултетите при УГД беа разгледани конкретни можности за продлабочување на соработката. Во фокусот на разговорите беа: проширување на Еразмус-договорите (области и број на мобилности); развој на заеднички студиски програми, вклучително и можности за двојни дипломи и онлајн курсеви; идентификација на заеднички истражувачки области; подготовка на апликации за европски фондови и заедничко учество во проекти финансирани од ЕУ, соопштуваат од УГД-Штип.

Во соопштението се вели дека посетата претставува продолжение на претходните средби меѓу двете институции и дел од стратегиските заложби на УГД за јакнење на интернационализацијата и позиционирање на Универзитетот во европскиот академски простор.

Од двете страни била изразена подготвеност за понатамошна интензивна соработка, со конкретни чекори во насока на формализирање на нови договори и иницирање заеднички проектни активности во наредниот период. вдј/вј/

Фото: УГД-Штип

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан